Македонија со супер-убедливо издание го потврди учеството на Светското првенство

Македонија - Словачка 38:23 (18:11)
Македонија со две убедливи победи над Словачка и вкупни 69:47 успеа да дојде до пласман на ракометното Светско првенство во Германија, во јануари следната година. Салата „Борис Трајковски“ беше распродадена за мечот против Словаците, а фантастичната игра на македонските ракометари беше поздравена од речиси 7.000 гледачи. Македонија вечерва ја декласира Словачка во бараж двомечот и на вториот меч во Скопје победи со 38:23 (18:11).
Македонија имаше водство од почетокот до крајот на мечот, не дозволувајќи им на Словаците ниту да „помирисаат“ изненадување. Откако во првиот дел Македонија поведе во еден момент и со +8 (12:4), се знаеше дека билетот за нов Мундијал е тука блиску. Во вториот дел само ја зголемуваше предноста, и на крајот дојде до највисоките +15.
Филип Кузмановски беше најефикасен со единаесет гола, а Велковски постигна шест. Пласман на СП 2027 во Германија преку баражот изборија: Норвешка, Фарски острови, Шпанија, Грција, Полска, Франција, Словенија, Србија и Италија. Ждрепката за завршниот турнир е закажана за 10 јуни.




