Лазаров: Очекувам врвен меч, Литванија е сериозна репрезентација

Македонската ракометна репрезентација во четвртокот забележа убедлива победа на гостувањето против Естонија (17-36) во претпоследното коло од квалификациите за ЕП 2026, исход што ја носи нашата репрезентација чекор поблиску до билет за претстојниот континентален собир.
Пред дуелот со Литванија, кој е одлучувачки за пласман на Светското првенство, селекторот Кирил Лазаров повика фановите да ја исполнат салата „Јане Сандански" во Скопје.
„Треба да бидеме максимално спремни за овој дуел, но и претпазливи. Литванската репрезентација уште кога заминавме да играме таму, целата македонска јавност мислеше на кошарка, затоа што на тоа ти доаѓа асоцијација кога ќе кажеш Литванија. Но, не е така. Се работи за сериозна репрезентација, има искусен селектор кој има водено екипа од Лигата на шампионите. Има искусни играчи кои играат и играле во добри екипи. Амбициозна нова федерација и нова раководна гарнитура. Очекувам со Литванците еден врвен меч, класен меч, со добар и квалитетен ракомет и од наша и од нивна страна. Нема да биде воопшто лесно, но ние се подготвуваме и го анализираме противникот", изјави Лазаров.
Натпреварот меѓу Македонија и Литванија се игра во СЦ „Јане Сандански" на 11 мај со почеток од 18:00 часот.




