Македонските ракометари со пораз се враќаат од Литванија
Литванија - Македонија 29:27 (13:12)
Во својот втор натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2026 година, најдобрата македонска машка ракометна репрезентација претрпе пораз во Вилнус од Литванија со 29:27. Ова е чекор назад за избраниците на селекторот Кирил Лазаров на патот кон остварување на главната цел. Дефинитивно нема да биде лесен патот кон ЕП 2026, а доказ за тоа е и тесната победа на Словенија на гости против Естонија (29:28).
Литванските ракометари воглавно го одржуваа водството во своја корист, ние единствено имавме позитива на старто од 1:0 и 2:1. Во следниот период домаќинот константно беше во предност, имаше 7:4, а нешто подоцна дојде и до највисоки „плус четири" (9:5). Успеавме до паузата да намалиме нешто од негативата и да бидеме на само -1 (13:12). Добро го почнавме второто полувреме, не само што израмнивме на 14:14, туку и одржувавме минимална позитива. Имавме 16:15, 18:17, 20:19, но дозволивме повторно ривалот да го контролира резултатот.
Ние сега бркавме негатива од „минус еден", израмнивме на 23:23, па Литванија направија мини серија од два гола и до крајот на мечот не ја испушти својата позитива, иако неколку пати успеавме да се доближиме на „минус еден".
Кај стрелците во нашите редови Кузмановски имаше осум голови, по пет запишаа Сефаримов и Пешевски.
После две кола во квалификациската група 1 води Словенија со четири бодови, следуваат Литванија и Македонија со по два, а последна Естонија без бодови. Следниот меч нашите најдобри ракометари ќе го имаат на 12 март 2025 година на домашен терен против Словенија.