Седми Ф4 и деветто полуфинале за Лазаров во Лигата на шампионите

Започна ракометната треска и последниот голем настан за клупската сезона 2020/21. Кирил Лазаров со Нант минатиот месец приреди изненадување откако го елиминира Веспрем во четвртфиналето од Лигата на шампиони. Францускиот тим загуби на реваншот во Унгарија со 32-30, но победата од четири гола на првиот меч беше доволна за конечна радост и место на „фајнал-фор" турнирот.
Така, капитенот и селектор на македонската репрезентација запиша уште еден рекорд на својата листа ракометни достигнувања во европски и светски рамки. Десниот бек на француски Нант седми пат ќе биде дел од „фајнал-фор" турнирот во Лигата на шампионите (12 и 13 јуни во Келн), а деветти пат ќе игра во полуфиналето на Лигата на шампионите (формат со „фајнал-фор" се игра од пред единаесет сезони), откако Нант го победи Веспрем во четврт-финалето, со вкупен резултат 62-60.
Лазаров со 1.479 гола е рекордер и според бројот на погодоци во елитното клупско натпреварување во Европа. На турнирот во Келн, Лазаров досега трипати играше во дресот на Барселона и по еднаш за Сиудад Реал, Атлетико Мадрид и за Нант. Во сезоната 2014/2015 тој стана европски првак со Барселона.




