Барса му се реваншираше на Кил за поразот во четвртфиналето минатата сезона

Барселона - Кил 26:25 (10:13)
Во мечот на двете екипи кои во новиот милениум најчесто ја освојувале Лигата на шампионите, во „Палау Блауграна", Барселона го совлада Кил со 26:25 (10:13) во неверојатно драматичен натпревар.
Мечот започна израмнето и трипати резултатот беше израмнет во почетните минути. Први во водство дојдоа Германците со головите на Дувњак и Винчек (3:5).
Барса не успеа да влезе во ритам и слично како и во четвртфиналето на Лигата на шампионите минатата сезона, често го ловеше противничкото водство. Жалуз и Томас погодија од организирани акции за 6:7 на половина од првиот дел.
Во играта во одбрана Германците играа поцврсто и со серија од 0:3 Екберг и Вујин донесоа највисоки 9:13 во 27 минута. Младиот Французин Мем постигна гол за крај на првиот дел и 10:13 на одморот.
Вториот дел започна со голови на Раул Ентрериос и Аитор Арињо за 13:13. Сепак Екберг и Винчек погодија за 13:16, пред Лазаров да погоди за -2. Играта со брза реализација на Барса им донесе лоб на Сорондо за 17:17. Германците полнаа да грешат и во 49. минута со голот на Сипржак, момците на Пасквал дојдоа до прво водство (22:21).
Гонзало му одбрани седмерец на Вујин, а Томас следниот напад постигна клучен гол за 24:23. Следеше гол на Жалуз, па израмнување преку Вајнхолд и тајм-аут на Пасквал при 25:25. Домаќините креираа добра акција по која Лазаров на Томас му подготви зицер, а капитенот не промаши (26:25). Преостана уште половина минута за Кил, но Германците не упатија удар кон голот на Гонзало и Барса со 26:25 славеше за реванш за поразот во април оваа година.
Во екипата на Барселона се истакна Ривера со 6 гола, а кај Кил најефикасен беше Дувњак со 7 гола. Кирил Лазаров крај своето име запиша 2 гола.




