Пораз од шест разлика за македонските ракометари во Злин

Чешка - Македонија 28:22 (14:10)
Селекцијата на Чешка ја победи Македонија 28:22 (14:10) во првиот бараж натпревар за пласман на Светското ракометно првенство, кое во јануари наредната година ќе се игра во Франција.
Во Злин нашите репрезентативци одиграа под своето ниво, а единствено Кирил Лазаров постојано се закануваше. Чесите максимално ги користеа слабостите на противникот, а одличниот голман Галија мечот го заврши со 16 интервенции. Само во првите 15 минути се играше гол за гол. Чесите потоа од 18 до 30 минута со серија 6:1 го завршија полувремето со 14:10.

Брилијантниот голман Галија им овозможи на соиграчите за само три минути да дојдат до максималните седум голови предност (27:20). Капитенот одговори со серија на голови и на крајот поразот беше на работ на поднослива и убедлива разлика. Кирил Лазаров со 8 голови беше најефикасен на натпреварот, додека Чешка ја предводеа Здрахала со 7 и Стерлик со 6 голови.
Реваншот во Скопје, ќе се одигра в среда со почеток во 20:00 часот.
ФОТО: Филип Вирановски - www. gol.mk




