Лош старт и потценување, па пресврт режиран од Лазаров за европскиот првак

Барселона - Колдинг 28:25 (11:13)
По ремито во Полска, Барса брзо им се врати на победите, иако ни малку не беше лесно да се совлада Колдинг во „Палау Блауграна" (28:25).Данскиот шампион Колдинг одлично го почна мечот и практично на општо изненадување, поведе со 1:8 во 11 минута. Лаен, Спелерберг и Андерсон ја наполнија домашната мрежа и Пасквал побара минута одмор.
На Барса му требаше време да ја „вклучи машината". Потценувањето на противникот можеше скапо да ја чини Барселона, ако не вклучија во натпреварот главните звезди Лазаров и Јиха. Два постигнаа по два гола за 9:13 во 25 минута. Одбраната на европскиот првак функционираше и Колдинг застана на 10 постигнати гола. Сипржак и Томас постигнаа нови два гола и Барса се доближи до 11:13. Како мечот почна, и со -2 на полувреме, каталонците мораа да бидат задоволни.
Вториот дел, домашната екипа го почна баш како што требаше првото. Лазаров постигна два гола во раната фаза од вториот дел за 13:14 во 33 минута. По израмнувањето, Спелерберг и Андерсон постигнаа два гола, за да потсетат дека и Колдинг е сеуште во натпреварот. Лазаров и како стрелец и како асистент ја движеше својата екипа до пресврт. Лаен и Ландин Јакобсен пак ја загрижија каталонската публика со голови за 16:19. Лазаров погоди седмерец за шести негов гол за -2. Нашиот капитен и Јиха го комплетираа пресвртот и во 45 минута, Барса втор пат во мечот израмни (19:19). По скоро 50 минути бркање на водството, Барса пак благодарение на Лазаров и гол од 9-10 метри прв пат поведе (21:20).
Драмата продолжи со обострани голови, па Раул Ентрериос и Арињо реализираа од контранапади за 23:22 во 53 минута. Македонецот со „сув лист" од седум метри зголеми на 25:23, но Данците не се предаваа. По грешката на Филип Јиха, Лаен израмни на 25:25 на 4 минути до крајот. Кога најмногу требаше, пак Лазаров го надмудри Хвидт од седмерец за 28:26 на 90 секунди до крајот. Со голот на Јиха, Барса со комплетираше пресвртот за финални 28:25. Во екипата на Барселона, Лазаров со 10 и Јиха со 7 гола беа главни адути на Пасквал во пресвртот. Кај Колдинг се истакнаа Андерсон со 8 и Спелерберг со 7 гола. Лигата на шампионите продолжува за три недели, кога Барселона го дочекува лидерот во групата Вардар.




