Егзибиција и победа од 19 разлика за Барселона во Сарагоза

Арагон - Барселона 24:43 (8:22)
Една недела откако во Сарагоза го освоија ASOBAL Суперкупот против Грањолерс, ракометарите на Барселона се вратија на истото место и во истата сала во меч за првенствени бодови против Арагон. По разочарувачкиот пораз во полуфиналето на IHF Суперглоб во Доха против Фуксе Берлин, каталонците ја забележаа втората победа во домашното првенство (24:43). Гостите веднаш започнаа агресивно во одбраната и како резултат на тоа, два пати Сигурдсон и еднаш Томас погодија за брзи 0:3.
Лозано и Лахуерта од бековските позиции погодија за 2:3, но тоа беше само илузија, бидејќи европскиот првак брзо ги намести „нишанските справи„ и резултатски побегна на недостижен начин. Лазаров погоди од седмерец, па уште еднаш експресно брзото исландско крило, Сигурдсон за високи 2:7 во 9 минута и тајм-аут на домаќините. Но Барса има милион ресурси и кога започна да го проигрува кружниот напаѓач, Сорондо постигна два неодговорени гола за 5:13 во 17 минута. Капитенот Томас од крилната позиција го постигна својот трет гол за прво двоцифрено водство (5:15). Линарес Гонзалез ја прекина серијата од 5:0 на гостите, но Рутенка ја проби границата од 20 гола и Барселона на одмор замина со огромни 7:22 и веќе решен натпревар.
Во вториот дел целиот тим на Барселона се разигра и полека погодуваа и Сармиенто и Рутенка за 17:30 во 41 минута. Хуан Кастро Пуехо возврати по грешката на каталонците и погоди од контранапад за да ја прекине серијата од 4:0 на гостинскиот тим. Но сценариото за овој меч како да беше напишано и дебаклот не им гинеше на домаќините. Аитор Арињо постигна уште два гола од контранапад и Барса ја мина својата граница од 40 гола. На крајот финална победа за актуелниот првак од 24:43 и втора радост оваа сезона во ASOBAL лига. Во победничката екипа, Томас и Сигурдсон постигнаа по 8 гола (исланѓанецот без промашување), а Кирил Лазаров беше автор на 5 гола. Кај Арагон, Деметрио Лозано Харке постигна 6 гола, а Линарес Гонзалез со 4 гола исто така одигра солиден натпревар. Барса својот маратон на натпревари го продолжува, бидејќи в среда во „Палау Блауграна„ гостува Фригорификос Моразо од Кангас.
Комплетниот извештај на натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




