Шариќ: „Вујовиќ е карактерен тренер и тоа го пренесува на тимот„

По виенската ждрепката почнаа првите комбинации, првите најави за априлските четвртфинални мечеви кои ќе ги дадат учесниците на Final four турнирот во Келн. Од таборот на Барселона со респект гледаат на ППД Загреб и пред се на нивниот тренер Веселин Вујовиќ, кој е исклучително ценет во Шпанија, а пет сезони го носеше дресот и на Барселона.
„Загреб е добро структуирана екипа, со добра одбрана и многу добар голман. Иако сите кај нас се задоволни со противникот, нема да биде лесно. Мора добро да го подготвиме натпреварот, знаејќи дека ќе наидеме на поинаква одбрана од таа што во последно време ја среќаваме. Загреб има млади желни ракометари и ветерани кои знаат да го подигнат или спуштат ритмот. Исто така имаат брзи крила и добри изведувачи на седмерци„ заклучи Пасквал.

И голманот на Барселона, Даниел Шариќ добро ги познава Хрватските ракометари и со многу почит говори за нив: „Во последно време играат многу добро и елиминираа добра екипа како Колдинг Копенхаген. Вујовиќ е карактерен тренер и го пренесува на својата екипа, посебно за играта во одбрана. Играат и грубо и имаат прва линија многу физички силна. Во Загреб не чека убав амбиент за вакви натпревари„ рече Шариќ. Првиот меч во Хрватска ќе се игра за Велигденските празници, а една недела подоцна реваншот во „Палау Блауграна„ ќе го реши полуфиналистот.




