Грањолерс со едно полувреме отпор, 10 ASOBAL Куп за Барса

Барселона - Грањолерс 37:26 (17:13)
По финалето на Каталонскиот Суперкуп и мечот од ASOBAL Суперкупот, трет пат во меч за титула оваа сезона се сретнаа каталонските ривали Барселона и Грањолерс. Овој пат посреди беше титулата од ASOBAL Купот, кој како и лани заврши во витрините на најславниот ракометен клуб од Шпанија. Лазаров со ефектен гол по 22 секунди го отвори резултатот во полза на екипата на Пасквал. Со одлична одбрана и дури 4 последователни голови од контранапад, во 8 минута предноста на Барса порасна до 5:2.
Тогаш Хуан дел Арко со ефектен гол го совлада Шариќ и ги осоколи надежите на плаво-белите (5:3). Но Лазаров со влез на додавање на Карабатиќ го постигна својот втор гол за нови +3 за Барселона. На голот на Рутенка, одговори Фран Соле и Грањолерс фати приклучок (7:5). Пејановиќ бранеше се подобро на голот на Грањолерс, па Дел Арко на половина од првиот дел намали на 8:7. Серијата на промашувања пак ја прекина Лазаров со гол за 11:9 во 19 минута. Во таква игра гол за гол се влезе во последните 6-7 минути од првиот дел.
Дури во последните три минути од првиот дел со головите на Рутенка и Томас од левата страна на одбраната на Грањолерс, фаворитот се одлепи (17:13). Со тој резултат се отиде на одмор, откако Лазаров од 10 метри ја раздрма пречката од голот на Грањолерс. И вториот дел започна како што заврши првиот, па Гурбиндо и Томас од истата таа страна погодија за 20:17 во 36 минута. Гурбиндо со влез низ противничката одбрана предноста ја зголеми на +4 во 40 минута. Рутенка и Карабатиќ централно ја пробиваа одбраната на Грањолерс за прво водство од 5 разлика во 12 минута од вториот дел. Иако Пејановиќ одбрани три седмерци, сепак Рутенка од позиција на кружен напаѓач го најде патот до мрежата (25:20). Алваро Руиз со ефектен гол за момент ја прекина позитивната серија на Барселона со гол за 25:21.

Карабатиќ со својот седми гол на половина од вториот дел ја потврди најчестата предност од 4 гола. Но кога Томас реализираше во контранапад две минути подоцна веќе беше 29:23 и се назираше победникот. Клупата на Грањолерс побара тајм-аут, кога Гурбиндо погоди за 30:23, но се чинеше дека е предоцна. Со серија 6:1, Барса го скрши отпорот на својот комшија и капитенот Томас со нова контра во 51 минута ги разреши и најминималните дилеми (32:23). Во финишот и Жалуз се запиша меѓу стрелци за 35:24 во 58 минута. Во меч кој наликуваше на минатогодишниот во финалето на ASOBAL Купор во „Палау Блауграна„ Барса го совлада Грањолерс со 37:26 и го освои својот 10 ASOBAL Куп. Во победничката екипа во која колективот го доби финалето, се издвои Карабатиќ со 7 гола, а Кирил Лазаров кој играше во првиот дел беше стрелец на 3 гола. Перфектен крај на годината и на полусезоната во која Барса освои 4 трофеи и на шпанско тло е непоразена. Наредните предизвици се во фебруари 2015 година по мундијалот во Катар.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




