Петти ASOBAL Куп организиран во Леон

Овој викенд во еден од најракометните градови во Шпанија ќе се одржи ASOBAL Купот, кој по петти пат ќе биде организиран во арената каде настапува Адемар Леон. Првото издание организирано во овој град е во сезоната 97/98, со Каха Кантабрија која во финалето го совлада Адемар Леон со 26:24.
Четири сезони подоцна во декември 2001 година во драматично финале, Барселона го совлада Портланд Сан Антонио со 36:35. Во сезоната 2006/07 моќниот Сиудад Реал го освои трофејот со победата во финалето против Портланд Сан Антонио со 29:27. Последен четврт пат во Леон, ASOBAL Купот се одржа во сезоната 2011/12, кога во историско финале Адемар Леон загуби од Барселона со 27:28. Интересно е што клубот од Леон два пати го освојуваше овој пехар, но никогаш на домашен терен. Славеше во Сарагоза во 98/99 и во Барселона во сезоната 2008/09.




