hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

Егзибиција во вториот дел за втора победа на Барса над Фленсбург

lazarov vs flensburg1

Барселона - Фленсбург 36:27 (14:16)

Со второ полувреме за паметење, ракометарите на Барселона по втор пат во една недела го совладаа европскиот првак Фленсбург и го елиминираа од можноста да го освои првото место во групата. Во меч кој го следеа 5.200 гледачи, Лазаров, Сигурдсон, Карабатиќ, Раул Ентрериос и голманот Гонзало беа инспиратори на уште едно звездено издание на избраниците на Хавиер Пасквал. Барса брзо поведе со 2:0, по одличниот старт на Гонзало на голот, но брзо Холгер Гландорф израмни на 2:2.

Но младиот каталонски голман продолжи во исто темпо и во 11 минута собра веќе 7 одбрани. Карабатиќ и Томас ја оддалечија Барса до 7:5. Но и искусниот Матијас Андерсон се разбрани и во 19 минута се комплетираше гостинската серија од 6:2, по која Могенсен и Сван Хансон погодија за 9:11 и тајм-аут на Пасквал. Кога Гландорф погоди уште на два пати веќе беше загрижувачки +4 за европскиот првак. Тогаш Лазаров од седмерец ја прекина лошата серија на шпанскиот шампион. До одморот на нашиот интернационалец му се приклучи и Раул Ентрериос и Барса на одмор намали на 14:16. Гонзало и на почетокот на вториот дел ја покажа својата одлична форма и Сигурдсон го комплетираше пресвртот за 17:16. Предноста на домашната екипа долго време беше само минимална и изнесуваше 2-3 гола. Нодесбо во 43 минута погоди за 24:22 и од тој момент започна офанзивното шоу на Барса кое го разнесе Фленсбург.

Лазаров и Нодесбо со два гола во неполна минута го принудија Врањеш на тајм-аут на средина од вториот дел при +3 за каталонците. Но наместо да се средат, гостите од Германија го изгубија мечот од раце, откако дозволија серијата на домаќинот да достигне 6:0. Карабатиќ беше главен инспиратор на лесните голови, кои главно почнуваа со добра одбрана и интервенции на Гонзало. Кога Сигурдсон реализираше уште еден контранапад во 49 минута, предноста на Барселона достигна 29:22.

Со таков ентузијазам силниот шпански тим не дозволи до крајот на средбата Фленсбург да се доближи и до врв ја наполни мрежата на Андерсон за финални 36:27. Во победничката екипа најефикасни беа Лазаров и Сигурдсон со по 9 гола, 6 постигна Ентрериос, а Гонзало потврди дека е вистински избор за голманската позиција во Барса. Кај Фленсбург се истакнаа Могенсен со 7 и Гландорф со 5 гола. Со овој триумф останува само уште дилемата за првото место во групата кое во меѓусебен натпревар ќе ја одлучат Барселона и Колдинг.

Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:

Share