Барса лесно обезбеди четвртфинале на Купот

Пуерто Сагунто - Барселона 31:45 (16:22)
Во осминафиналето на Купот на шпанскиот Крал, каде Барса ја брани титулата, фаворитот се прошета победувајќи го Пуерто Сагунто во Валенсија со убедливи +14. Барса постави нов рекорд со неверојатни 45 постигнати гола во 60 минути игра. Иако дури 11 ракометари настапуваа за своите репрезентации во текот на минатата недела, сепак со само еден заеднички тренинг, Пасквал ги подготви за мечот во Валенсија. Мечот сепак започна многу израмнето со 14 минути во кои се играше гол за гол и со 7:7 гостите успеаа да го скршат отпорот на Пуерто Сагунто.
Две минути подоцна Карабатиќ погоди за 9:10 и од тој момент, каталонците не го испуштија водството до крајот на средбата. До одморот Лазаров и другарите го зголемија интензитетот и предноста благодарение на крилата Томас и Сигурдсон достигна 16:22 на полувреме. Во вториот дел играта во одбрана им дозволи на гостите да постигнат многу лесни голови, а голманот Даниел Шариќ беше одличен на голот и ги маѓепса противничките ракометари. По 20:29 во 38 и 21:33 во 43 минута, настана серија на лесни голови на Барселона и до крајот Жалуз, Раул Ентрериос и другарите го „сомлеа„ противникот за финални +14 разлика.
Во победничката екипа Раул Ентрериос и Кирил Лазаров со по 7 гола беа најефикасни, а 6 постигна Сигурдсон. По 4 гола додадоа Сармиенто и Гурбундо, а по 3 зад своето име запишаа Томас, Сорондо, Арињо, Карабатиќ и Нодесбо. Дури 11 стрелци во фестивалот на голови на Куп победникот. Барселона обезбеди четвртфинале на Купот на Кралот, што ќе биде последен филтер пред Final four во мај. Ждрепката ќе го даде противникот на момците на Пасквал, а мечевите од четвртфиналето ќе се играат на 4 фебруари и 1 април 2015 година.




