Лазаров броеше до 13, Македонија моќна против Швајцарија

Квалификации за ЕП - Полска 2016
Македонија - Швајцарија 27:20 (12:8)
Како и што македонската јавност очекуваше, со многу авторитет македонската ракометна репрезентација ја совлада Швајцарија и со триумф ги отвори квалификациите за европското првенство во Полска 2016 година. Иако квалитетот целосно е на страната на Македонија, гостите беа жилави и дури на почетокот на второто полувреме беше скршен отпорот на гостите.
Цврстата одбрана на Швајцарија го сопре нашите комбинации во првиот дел, па често погодувавме од 7 метри. Дури и исклучувањата како она на Никола Марковски, го правеа натпреварот нервозен. Капитенот Лазаров уште од почетокот најави дека посебно е мотивиран и дека ова ќе биде негово попладне. Предноста по 5:2 во 7 и 8:5 во 12 минута носеше спокој во нашата игра. Борко Ристовски на голот беше се посолиден и полека нашата предност го надминуваше минималецот. Кога по головите на Лазаров, се придодаде и Дејан Манасков, Македонија за прв пат поведе со +4 во 25 минута.
Гостинскиот селектор при 10:5 побара тајм-аут и швајцарците се разбудија. Хес и Грубнер намалија до -2, но пак Лазаров „нагази„ и предноста беше комотна. На полувреме се замина со 12:8 и посакувано водство за нашиот национален тим. Но вториот дел почна многу лошо за нашата селекција. Следеа три технички грешки и лесни голови на Далер и Грубнер за 12:11. Нашите најискусни интернационалци пак ја донесоа реакцијата. Борко Ристовски на голот беше одличен, а Лазаров со нови два „проектила„ го донесе можеби и одлучувачкото одлепување (17:12). Подоцна се беше полесно. Психолошки нашите ракометари се опуштија и имаше простор дури и за егзибиција.
Лазаров ја раситни „десетката„ за 22:14, на влезот во последните 7 минути. Тогаш нашето темпо опадна, Бринголф одбрани неколку топки и Баумгартнер и другарите се вратија дури до 24:19 на 3 минути до крајот. Со оглед на тоа што и гол разликата може да биде важна, пак Лазаров ги превзеде работите во свои раце и го заврши натпреварот со нови голови за финални 27:20. Победа која охрабрува пред мечот со Чешка в недела, кој ќе биде многу потежок од овој со Швајцарија. Кирил Лазаров блескаше со 13 гола, Борко Ристовски беше оној стариот, кој ни носи радости, а Дејан Манасков постигна 4 гола. Швајцарија покажа само блесоци и во нивниот тим за издвојување е добрата одбрана во првиот дел и головите на Грубнер. В недела од 13:30 часот, Лазаров и другарите му гостуваат на Чешка и за прв пат ќе се обидат на чешки терен да освојат бодови во официјален натпревар.




