Победа на рутина на Барса против турскиот Бешикташ

Барселона - Бешикташ 35:25 (19:12)
По неколку децении во „Палау Блауграна„ гостуваше турска екипа во рамките на европските купови, а во игра беа бодови од групната фаза на Лигата на шампионите. Јасно беше дека Бешикташ нема што да бара против моќниот тим на Хавиер Пасквал. Фечман и Дачевиќ добро го отворија мечот за турскиот првак, кој поведе со 2:4. Но голманот Гонзало од самиот почеток потврди дека е расположен, а Сигурдсон брзо реализираше два контранапади за 5:4 во 10 минута.
Нагазија каталонците и повратникот Томас се приклучи кон исланѓанецот и на половина од првиот дел, домаќините веќе водеа со 8:5. Озмусул на турскиот гол бранеше одлично, а само Фечман беше на висината на задачата. Пасквал почна да го ротира тимот, а влегувањето на Лазаров донесе зголемување на предноста. Во 18 минута за прв пат предноста достигна 5 гола, а во 26 минута пак погоди нашиот капитен од седум метри за 16:11. Се разиграа и резерните крила и со првите голови на Саубич и Арињо и голот на Карабатиќ во последните секунди, на одмор шпанскиот првак замина со 19:12.
Чиста рутина беше како фаворитот во вториот дел го приведе мечот кон крај. Цели 15 минути предноста гравитираше меѓу 7 и 8 гола, а бројот на стрелци на домашната екипа достигнуваше двоцифрена бројка. Во 41 минута погоди Лазаров по четврт пат за 25:17. Дачевиќ и Озбсахар го вратија Бешикташ во мечот и на 6 минути до крајот, турскиот тим се доближи до 30:25. Но за да го задржи просекот од 10-12 гола разлика во европските мечеви, тимот на Барселона „нагази„ во завршницата. Сигурдсон и Сорондо ја завршија претставата во „Палау Блауграна„ со финални 35:25. Втор меч и втора домашна победа за екипата на Барселона во Лигата на шампионите. Во победничката екипа Сигурдсон постигна 8 гола, Лазаров и Томас постигнаа по 6, а Карабатиќ беше стрелец на 4 гола. Гонзало имаше добра партија на голот на домашната екипа, а одличен беше и неговиот колега Озмасул. Кај Бешикташ најефикасен беше Фечман со 6 гола, по 5 постигнаа Дан и Дачевиќ. В среда против Хуеска на домашен терен, екипата на Лазаров го има наредниот официјален натпревар, овој пат во ASOBAL лига.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




