Шпанскиот првак подобар од шведскиот во европското деби
Алингсас - Барселона 28:38 (16:21)
Ракометарите на Барселона со победа во Шведска ја почнаа новата сезона во Лигата на шампионите. Во меч полн со голови, Лазаров и другарите го совладаа Алингсас со 28:38 со доминација во текот на сите 60 минути. Само во првите 10 минути се играше израмнето, благодарение на брзината на швеѓаните. Теландрем и Енстрам беа инспиратори на добриот почеток на скандинавците (3:3).
Но каталонците беа многу конкретни, посебно пред противничкиот гол и со лесни голови на Нодесбо и Сигурдсон, гостите поведоа со 7:8. Втората половина од првиот дел, посебно по влегувањето на Лазаров, донесе одлепување на фаворитот. Два пати погоди македонецот за 11:14 во 20 минута. Во последните 10 минути од првиот дел гостите играа најтечно и Карабатиќ и Нодесбо ја донесоа највисоката предност на момците на Пасквал за 16:21 на полувреме. Конрадсон со два убави гола го отвори вториот дел за шведскиот првак, но тоа беше само затишје, бидејќи Барса „нагази„ брзина погоре и го реши прашањето на победникот.
Во 38 минута нови голови на вообичаените протагонисти Нодесбо и Лазаров за 20:28. Пак реакцијата на Алингсас беше преку најмладиот Конрадсон, кој со нови два гола низ одбраната на шпанците, намали на 25:30 во 47 минута. Тогаш Пасквал го внесе Шариќ на голот на местото на Гонзало и овој со 8 одбрани до крајот му се оддложи за довербата. Рутенка само што влезе во игра ја врати највообичаената разлика, а во финишот со серија на лесни голови, Барселона ја направи предноста двоцифрена. Токму белорусинот предвреме го заврши мечот заради црвен картон, заради ударот со лакт врз Маркус Енстром. На крајот високи 28:38 и прв триумф за Барселона во новата Лига на шампиони. Во победничкиот тим на Пасквал, данецот Нодесбо постигна 9 гола, Лазаров и Карабатиќ додадоа уште по 6. Конрадсон со 5 гола беше најефикасен кај Алингсас, а по 4 гола постигнаа Енстром и Терн. Одличен старт и први бодови во континенталниот најсилен Куп, во кој наредниот викенд во Барселона гостува полскиот вицешампион Орлен Висла Плок.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




