Барса мина и во Кангас и со максимални победи патува во Шведска

Фригорификос Моразо - Барселона 28:35 (14:22)
На гостувањето во Кангас ракометарите на Барселона го имаа последниот тест пред европското деби в недела во Шведска. Каталонците одлично влегоа во мечот и со головите на Нодесбо и Карабатиќ поведоа со 3:5 во 8 минута. Шариќ лошо го почна мечот, но ништо подобар не беше ни Мијушковиќ. Потоа се разигра Сигурдсон и постигна два последователни гола во 12 минута и веќе беше 5:9. Комбинаторната игра најмногу му годеше на Нодесбо кој ги собираше додавањата од надворешните ракометари и погодуваше од линијата.
Така со уште два гола зголеми на 7:12 на половина од првото полувреме. Играта во одбрана на момците на Пасквал беше подобра одколку во Памплона пред една недела, а Карабатиќ и Лазаров со нови голови од близу 10 метри, предноста во 20 минута ја донесоа до 10:17. Гарсија и Бареиро на момент спуштија до -5, со голови од полуконтранапад, но финишот на полувремето пак им припадна на ракометарите на Барселона. Лазаров го постигна својот втор гол за 12:18, а во последната минута од првиот дел по две технички грешки на Фригорификос Моразо, белорусинот Рутенка и Сармиенто за прв пат погодија за високи 14:22 на одмор.
Вториот дел почна со серија 3:1 на домаќините со голови на Магдалено и Ален Муратовиќ. Рутенка со два гола низ зоната на домашната одбрана ги врати најстандардните 7-8 гола дистанца (17:24). Серафин Поусада Магдалено со два гола од далечина ја разби монотонијата на голови на фаворитот, но само за момент. Само што влезе тунискиот репрезентативец Жалуз и брзото крило Саубич постигнаа нови голови за гостите, за 19:27 во 43 минута. Во обидот на домаќините со голот на Отеро да спуштат и под 5 разлика, се појави Лазаров и ефектно погоди за 22:29 во 48 минута. Мијушковиќ ништо не можеше да одбрани, а Лазаров пак во финишот се разигра. И македонецот и Жалуз од контранапад ја донесоа Барса до границатата од 30 гола во 52 минута. Отеро кој ги погоди сите удари кон голот на фаворитот и понекогаш Муратовиќ ја одржуваа дистанцата едноцифрена, па до крајот само резултатот беше интерес на неизвесност. 28:35 за Барса со нови 5 гола на Лазаров, најефикасен беше Нодесбо со 7 гола, а Карабатиќ беше автор на 6 гола. Гонзало собра 8 одбрани, а Шариќ само 1, додека голманите на Фригорификос Моразо заедно имаа 6 интервенции. Пред европското деби во Шведска, екипата на Пасквал си ја одработи септемвриската доза во ASOBAL лигата.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




