
Завршницата на IHF Суперглоб беше по втор пат на турнирот со македонци на и околу теренот. Нашиот најдобар ракометар Кирил Лазаров по трет пат стана светски клубски првак, што од нашата земја претходно не му успеало на ниту еден ракометар, а по еднаш на светскиот клубски врв со своите екипи се искачиле фудбалерите Панчев, Најдовски и Пандев.
Македонските судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски како круна на нивната одлична интернационална кариера, водеа финале на мундијал за клубови. И не само што го водеа завршниот натпревар, туку тоа го направија и без ниту една грешка. А Драган Начевски како и на останатите големи турнири, беше делегат на многу натпревари и на овој IHF Суперглоб, вклучувајќи го и финалето меѓу Барселона и Ал Саад.