Совладана и Есперанца и Барса на „голема врата„ во полуфиналето

Барселона - Есперанца 37:23 (20:10)
Со победа и во третиот натпревар, ракометарите на Барселона од првото место во Б групата ќе тргнат во полуфиналето во потрага по одбрана на светската титула освоена минатата година. Против тунискиот тим Есперанца, екипата на Пасквал го одигра најдобриот натпревар во Доха и остава впечаток дека ја подига формата како турнирот одминува. Пак каталонците мораа да бркаат резултат откако Камел Алуини со два гола во 9 минута, ја доведе Есперанца во водство со 2:4.

Но откако Сорондо од линијата израмни на 5:5, извесно беше дека Барса ќе загосподари и со играта и со резултатот. За само четири минути европската екипа направи предност од 17:12, благодарение на Томас и Рутенка. Веднаш и Лазаров влезе во ритам и постигна два гола од контранапад и од позиција на централен бек (14:8). Полека сите асови на Пасквал се разиграа и Карабатиќ погоди од првиот обид. Полувремето заврши во налет за бранителот на титулата и Лазаров погоди уште еднаш за 20:9. На минута до одморот, Камел Алуини го затвори првиот дел со двојно заостанување зад Барселона (20:10). Вториот дел започна со многу грешки, добри интервенции на голманите и игра гол за гол. Данецот Нодесбо во 38 минута ја продолжи серијата на голови на кружните напаѓачи за највисоки +12 за Барселона.

Целиот тим на Пасквал се разигра и Жалуз и Сармиенто погодија од дистанца, исто така во првите обиди. На половина од вториот дел тунижанецот го постигна третиот гол во серија за 32:19. Махмуд и Бар само за момент го прекинаа монологот на фаворитот, но потоа пак Барса „нагази„. Нови голови на Жалуз и Карабатиќ за лесен крај на мечот, од кој европјаните стравуваа дека може повеќе да се намачат. Финални 37:23 за лесно изборено полуфинале и борба за титулата во четврток и петок попладне. Кирил Лазаров постигна 3 гола, но играше многу помалку за разлика од првите два меча. Најефикасен во победничката екипа беше Томас со 8 гола, Рутенка додаде уште 6, а Карабатиќ имаше 5 од 5. Кај Есперанца најсветли точки беа Алуини со 6 и Махмуд со 4 гола. Утре е слободен ден, а в четврток Барса ќе го игра полуфиналето, за кое ривалот ќе го дознаат вечерва.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




