Суперкуп титулата останува во витрините на Барселона
Барселона - Грањолерс 32:28 (14:14)
Осум дена по меѓусебниот дуел во Љобрегат за каталонската Суперкуп титула, Барселона и Грањолерс повторно се соочија во меч за трофеј, овој пат во Тарагона во меч за ASOBAL Суперкуп титулата. Бело-сините добро го отворија натпреварот и реализирајќи во првите два напади преку Грундштајн поведоа со 1:2. Валур Сигурдсон со првиот гол израмни, пред Алваро Руиз на идентичен начин да возврати (2:4).
Пејановиќ подобро го отвори мечот од Гонзало и во 8 минута, Грањолерс поведе со +3. Рутенка во 9 минута од позиција на десен бек го изненади српскиот ветеран и намали на 3:5. Но Грањолерс многу подобро функционираше и Толедо реализираше од транзиција за 4:7. Штом момците на Пасквал ја средија одбраната со два лесни гола на Рутенка и Сигурдсон, предноста брзо се стопи (6:7). Белорусинот од седмерец во 12 минута го постигна својот четврт гол и израмни на 7:7. Но на серијата на шампионот, одговори Грундштајн со два гола од контранапади за 7:9. Играта на вицешампионот изгледаше потечна и Толедо со два гола од место, по втор пат донесе +3 за Грањолерс. Лазаров само што влезе во игра погоди за 10:12 во 19 минута. По 15 минути обиди, капитенот Томас од контра фрлена од голманот Гонзало, намали на 11:12 во 21 минута, а Пејановиќ му одбрани зицер на Рутенка за израмнување. На тој неуспешен обид на Барса да израмни, одговори Грањолерс преку Фигероа и Дел Арко и при 11:14 во 26 минута, Пасквал побара тајм-аут.
Лазаров со својот втор гол, по убавата акција со Рутенка, одговори намалувајќи на 12:14. Гонзало одбрани седмерец, а Рутенка со петтиот гол ја донесе Барса до -1 на влез во последната минута од првиот дел. Кирил Лазаров со ефектен скок-шут го постигна својот трет гол, а 14 на екипата за нерешен исход по првиот дел, во кој Барселона ниту еднаш не водеше, туку постојано го бркаше водството на противникот. Вториот дел започна со четвртиот гол на Лазаров, за прво водство на фаворитот (15:14). Кога двете крила Томас и Сигурдсон одговорија со два лесни гола, јасно беше дека во вториот дел во игра влезе една друга поинаква Барселона (18:15). По истиот рецепт, цврста одбрана и брза контра, Томас и Сигурдсон погодија уште по еднаш и при 20:16, клупата на Грањолерс побара минута одмор. Гонзало на голот на Барселона беше се посигурен, а Валур Сигурдсон со петтиот гол зголеми на 21:17. Но играта на периоди го донесе Грањолерс со мини-серија од 3:0 до 21:20, благодарение на Фигероа и Алваро Руиз.
Но Нодесбо и Лазаров ја оддалечуваат екипата фаворит на 23:21 во 45 минута. Рутенка со првиот гол во второто полувреме, на Барса му носи комотни 25:22 во 48 минута. На головите на скандинавците кај Барса (Нодесбо и Сигурдсон) одговори Капдевила за 29:25 во 53 минута од мечот. Одличниот меч нашиот Лазаров го круниса со шестиот гол и најава за победа и титула (30:25). На крајот рутински крај и финална победа на Барселона од 32:28 , со шест гола на одличниот Кирил Лазаров. Втора година по ред ASOBAL Суперкупот останува во витрините на Барселона, што е веќе 17 Суперкуп и втор трофеј за каталонците во осум дена и добра најава за патот во Доха наредната сабота.




