hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

Како Кирил Лазаров делуваше како лидер и во првото интервју на 14 години

prvo intervju

Малкумина знаат дека првото интервју на Кирил Лазаров тогаш како надежен ракометар, младински репрезентативец и член на Овче Поле го направил Ненад Живановски за неделникот „Скок„ на 26 октомври 1994 година. Во тоа интервју на Лазаров и на Благојче Крстев може да се препознаа љубовта на Кире кон ракометот, неговата одлучност и покрај проблемите и карактерот.

Лазаров уште тогаш говореше за немањето услови и проблемите во развојот на младите ракометари: „Навистина многу ни недостига немањето спортска сала во Свети Николе. Еве сега кога ќе залади, ќе почне да врне и нема каде да тренираме. Веќе три години ископана е една дупка и се е останато само на неа. До сега трениравме на фудбалското игралиште, но затоа моравме да купуваме патики секои два-три месеци. А ни средства за тоа нема доволно. Ако ти се игра, играј...„ дециден беше 14 годишниот Лазаров.

Неговиот клубски другар Крстев говореше за тоа како дошол до првиот контакт со ракометот. „Како седмооделенец и покрупно дете бев забележан од нашиот тренер Благој Лазаров. Ми предложи да играм, јас прифатив и еве сум во ракометот„ раскажуваше Крстев. Лазаров уште како момче го издвојуваше значајот на неговиот татко: „Тоа што татко ми е тренер на екипата беше пресудно во мојот случај.

prvo intervju1

Со ракомет почнав во петто одделение, а потоа го одиграв мојот прв натпревар. Тогаш играв со Партизан од Кичево во мечевите на вторите тимови, а сега веќе имам солидна минутажа од 15 минути по натпревар„ велеше Лазаров.

„Од тренерот сум задоволен, иако често вика по мене. Ќе се случи некој друг да згреши, но па јас - јас сум виновен. Веројатно тоа е така зошто сум му син„ рече Кирил Лазаров, а Благојче Крстев за неговиот прв тренер уште тогаш ќе каже: „Чичко Благоја е многу добар тренер, бидејќи секогаш им дава шанса на младите играчи. Така во овој случај во Овче Поле четворица се под 17 години, а просекот на екипата е под 20 години„ заврши Крстев.

За и околу репрезентацијата Кирил Лазаров имаше јасен став уште како момче кое се наметнува во мал клуб како Овче Поле:

„Како што почна со давањето пари за играчи од Југославија, Русија, Бугарија ракометот стана многу поквалитетен, но со тоа ние младите играчи сме запоставени. За еден Вардар или Пелистер ние воопшто не сме интересни, зошто нив им требаат искусни ракометари. Ова треба да се земе во предвид кога се увезуваат толку ракометари„ размислуваше рационално Лазаров како 14 годишно момче.

prvo intervju2

Карактерот на сегашниот капитен на националниот тим можеше да се препознае и кога говореше за судиите и делењето на правдата во Втората лига:

„Противниците си викаат ќе ги удриме еднаш-два пати и ќе ги заплашиме и тоа ќе влијае на нив. Секако дека ќе влијае на нашата психолошка спремност. Ако еднаш „изедеш„ тупаница нормално повеќе не си будала ако одиш пак да те удрат. Второлигашките судии не се дораснати да судат. Воопшто не треба да им се дозволи да судат. Тие ја губат контролата и во играта се станува дозволено. Дури ако треба и прволигашките судии нека судат во нашата лига„ заврши во првиот разговор со седмата сила нашиот ракометен ас Кирил Лазаров.

Таа сезона Овче Поле стана младински првак со победата над Пелистер во полуфиналето и Тиквеш во финалето. Четворица ракометари на Овче Поле беа дел од младинската репрезентација која за прв пат обезбеди место на европско првенство, конкректно во Израел и оствари забележителен успех. За детали од шампионатот и од некои од средбите се говори и во интервјуто за „Скок„ на Кирил Лазаров и Благојче Крстев.

Share