Лазаров блескаше, Барса во финалето на Купот на Кралот

Хелветиа Анаитасума - Барселона 28:36 (10:17)
Според очекувањата Барселона си ја заврши првата половина од работата и обезбеди ново финале од Купот на Шпанскиот Крал. По две полуфиналиња и изненадувачки порази од Ваљадолид и Атлетико Мадрид, се чини дека овој пат нема да има простор и за трета сензација. Во фантастичен амбиент првиот гол во првото полуфинале го постигна нашиот Кирил Лазаров по само 19 секунди.
Момците на Пасквал делуваа мотивирано, како да играат во Лигата на шампионите и брзо со добра одбрана, капитенот Томас и Рутенка погодија уште два пати за 0:3 во 3 минута. Хелветиа Анаитасума тешко ја пробиваше зоната на гостите и Божидар Надовеза погоди за 3:4 во 6 минута. Тогаш Лазаров со асистенција и реализирани седмерци на првакот му донесе комотни 3:7 во 11 минута. Домашниот тренер се обидуваше со измена на одбраната, публиката ги „дигаше„ ракометарите на Анаитасума, но Барса немаше милост. Шариќ одбрани три топки во серија и пак Виктор Томас во спринт беше најбрз и најсмирен. Барса побегна на 4:11 и се чини го реши прашањето на победникот. Домашниот стручен штаб побара тајм-аут и ја среди својата игра. Одбраната на памплонците делуваше посмирено, Бернатонис му се придружи на Надовеза, а и голманите одбранија некоја топка.
Во 25 минута Хелветиа Анаитасума намали на 8:13, но клучен играч во финишот на полувремето беше данецот Нодесбо. Штотуку влезе во игра, прими неколку топки од Раул Ентрериос и Лазаров и постигна три гола, со кои Барселона на одмор замина со високи 10:17.
Второто полувреме беше само неуспешен обид на домаќините да направат нешто повеќе од чесен пораз. Специјалистот за одбрана Виран Морос по половина минута погоди за +8, а во ролјата на Нодесбо сега беше Сорондо кој погоди три пати по транзиција (14:22). Со леснотија играта на Барса воодушевуваше и сите кои добија можност од Пасквал, перфектно се имплементираа во системот. Два пати „распали„ Гурбиндо, Сармиенто ја измами цела одбрана на Хелветиа Анаитасума и во 43 минута резултатот гласеше 18:26.
Атрактивните голови на Ечеберија Уриз и Ечевесте само ја подигнаа публиката, но првиот финалист веќе беше познат (20:28). Пасквал ја администрираше силата на своите професионалци пред утрешното финале, па со серија 7:2 екипата на Хелветиа Анаитасума го направи поразот поднослив. Бернатонис постигна четири голови во серија, а кога домаќинот се доближи до -5, пак се појави Кирил Лазаров. Капитенот на нашата репрезентација како и што го отвори мечот, со два ефектни гола го затвори, за финални 28:36 и ново финале за големата Барса.
Во победничката екипа буквално се функционираше како што треба. Лазаров со 7 гола беше најефикасен, Сорондо и Сармиенто придодадоа по 5, а Шариќ и Робин заедно имаа 14 интервенции. Во тимот на Хелветиа Анаитасума, Надовеза постигна 7 гола, Бернатонис уште 5, а голманите Санчез Капон и Сантана Херера одбранија 11 топки. Барселона вечерва ќе го дознае противникот по завршувањето на второто полуфинале помеѓу Хуеска и Грањолерс. Завршниот меч за титулата од Купот на Кралот се игра в недела од 17 часот.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




