Некогаш два гола се многу, а седум се малку

Најдобриот македонски ракометар, Кире Лазаров, ја предводеше Барселона во епскиот подвиг и надополнувањето негатива од седум голови во четвртфиналниот дуел од Лигата на шампионите против Рајн Некар Ловен. За порталот „Дерби„ по успехот Лазаров рече:
„Не случајно по ждрепката реков дека го добивме најтешкиот и најдобриот противник, новиот шампион на Германија. Јас бев свесен што не чека, Ловен игра можеби најдобар ракомет моментално. Натпреварите во елиминациска фаза се специфични за играње, не е како во група. Некогаш и два разлика е многу, а некогаш и седум разлика е малку. Жал ми е за Вардар, но треба да им се честита за се што направија оваа година во Лигата на шампиони. Оставаа срце на терен и се носеа или ги победуваа најголемите. Ние потфрливме дефанзивно во Ловен. Денес бевме многу поагресивни, помудри, а имавме и расположен голман. Тешко е да се каже што е реално, што не е. Календарот е многу густ, квалитетните екипи варираат со формата затоа што даваат многу репрезентативци.
Како одминува сезоната, се чувствува уморот. Немаше да биде незаслужено и други екипи да се најдат на „фајнал фор", но одлучуваа нијанси, последни напади! Има цел месец до Келн, ќе имаме доволно време да се се подготвиме добро и да го дадеме најдоброто од нас. Треба да се надминеме само себе за да дојдеме до целта. Германците се домаќини и со тоа се во мала предност, како и секоја година„ заврши Лазаров




