Комплетиран пресвртот за Келн на Барса и Лазаров

Барселона - Рајн Ловен Некер 31:24 (15:11)
Во фантастичен амбиент во „Палау Блауграна„ и возвратниот меч како и оној во Манхајм почна со нереализиран седмерец на Рутенка. Но одбраната на Барса делуваше многу помобилно и поцврсто од пред шест дена и на крилата на таа одбрана, домаќините подобро го отворија мечот. Сорондо, Гурбиндо и Рутенка во 6 минута на Барса му донесоа 4:2, доволно да ја загреат домашната публика. Но и Никлас Ландин добро почна и домаќините често беа брзоплети во реализацијата.
Лазаров влезе во игра и како и Рутенка ја погоди конструкцијата од голот од седмерец во 11 минута при 4:3. Грецки со својот втор гол израмни на 4:4 веќе во следниот напад. Рутенка и Гурбиндо одговорија со два гола на поставена одбрана за 6:4 во 13 минута. Томас како трет изведувач реализира седмерец и одговори на ефектниот гол на Петерсон за 7:5 на половина полувреме. Исланѓанецот пак мина еден на еден и намали на -1, па почетниот план на каталонците дефинитивно не успеа. Грецки од крилна позиција беше овој пат тоа што на првиот меч беше Генсхајмер и во 17 минута Рајн Ловен Некер израмни на 7:7. Кога Хорбок со својот прв гол погоди за 8:8, Пасквал побара тајм-аут во 19 минута. Рутенка со удар низ зоната го врати домашното водство, веднаш по враќањето во игра (9:8). Уве Генсхајмер со инвидуална мајсторија погоди за прв пат за 9:9 во 22 минута.
Ландин бранеше и возможно и невозможно и Грецки од контра за прв пат им донесе предност на жолтите (9:10). Но полека шпанскиот првак фати ритам и Карабатиќ со два гола низ транзиција ја врати домашната предност (11:10). Во најповолниот период од првиот дел за домаќините, французинот Карабатиќ одржуваше 1-2 гола предност, но сеуште немаше најави за континуитет на добрата игра. Штербик одбрани неколку зицери и го покри исклучувањето на Јаспер Нодесбо, па Карабатиќ со третиот гол на Барса за прв пат му донесе +3 во последната минута од првото полувреме. Кога со звукот на сирената Хуанин Гарсија реализираше контранапад на одмор се отиде со 15:11 и се подгреаа надежите за пресврт. Вториот дел почна со нов гол на Рутенка за 16:11, но во следниот напад Нодесбо отиде прегрубо и по втор пат беше исклучен. Грецки ја продолжи својата серија и намали на -4.
Скандинавците Мирол и Петерсон и Стојановиќ кој го одбрани седмерецот на Томас, на германците им донесоа 17:14 во 35 минута. Репрезентативецот на Црна Гора со глава му одбрани уште еден казнен удар на капитенот Виктор Томас и Рајн Ловен Некер пак неутрализираше бран на напади на домашната екипа. Сармиенто со ефектен гол во 38 минута зголеми на 18:14. Се играше 42 минута, кога Раул Ентрериос погоди за второ домашно водство од +5. Штербик и Ландин водеа натпревар во натпревар, а на голот на Харбок, возврати Карабатиќ со својот седми гол за 21:16. На половина од вториот дел Томас од контранапад за прв пат предноста ја донесе на +6. Дури и домаќините имаа напад за 7 разлика, но Ландин ги одржа гостите, а Генсхајмер погоди за 22:17, па Хорбок на идентичен начин за 22:18. Лазаров погоди од седмерец и во 49 минута, Барселона ги имаше најчестите пет разлика (23:18). И со играч помалку Шмит постигна два гола и во последните 10 минути се влезе со 24:20. Ландин го одбрани ударот на Томас, а русинот Хорбок постигна уште еден гол за само +3 за Барселона на 9 минути до крајот.
Во наредниот напад Раул Ентрериос го постигна својот втор гол и при 25:21, Гудмунсон побара минута одмор. Помладиот од ракометното семејство Ентрериос пак инвидуално мина и во 53 минута погоди за 26:21. Штербик го прочита Харбок, а Рутенка од одпадок по втор пат на Барселона му донесе 6 гола предност. Арпад Штербик подоцна му одбрани седмерец на Уве Генсхајмер, а со многу среќа Томас ја стигна посакуваната разлика во 55 минута (28:21). Одбраната на домаќините делуваше како зид, а Томас се претвори во клучен играч откако постигна нов гол за 29:21 и изнуди исклучување за Уве Генсхајмер. Лазаров со нов лесен гол од контранапад донесе највисоки 30:21 на 3 минути до крајот. Шмит и со човек помалку ги одржа шансите на германците и на 120 секунди до крајот разликата беше +8 за европскиот вицешампион. Хуанин Гарсија со убаво елаборирана акција го стави печатот за 31:23. Брзо Патрик Грецки со својот шести гол намали на 31:23 на влезот во последната минута.
По нова грешка на каталонците, Грецки погоди за 31:24 на 32 секунди до крајот. На 18 секунди до крајот Пасквал побара минута одмор за да го подготви последниот напад. Томас направи пробивање и останаа само три секунди до звукот на сирената, а на Рајн Ловен Некер му требаше гол за полуфинале. Но жолтите немаа ни време, ни идеа па ударот од гол на гол, Штербик го одбрани. Голманот на шпанската репрезентација беше еден од хероите на Барселона во овој подвиг. Томас постигна 7 гола, како и Карабатиќ, Раул Ентрериос постигна 3 гола кога се „кршеше„ резултатот, а нашиот Лазаров беше автор на 2 гола. Барселона по Веспрем и Фленсбург е третиот патник на Final four во Келн на 31 мај и 1 јуни. Многу веројатно Кил утре ќе ја потврди визата за полуфинале. По четврт пат Барселона и по трет пат Кирил Лазаров ќе играат на завршниот турнир на Лигата на шампионите во Келн.




