Барса има сили и верба во подвиг

Во Каталонија се е подготвено за натпреварот на годината. На дрим-тимот на Хавиер Пасквал потребен му е подвиг против германскиот Рајн Ловен Некер за пласман на Final four во Келн. Подвиг како оној минатогодишниот кога Барселона го совлада Атлетико Мадрид на Кирил Лазаров со 32:24 и ги надополни мадридските -6. Сега против силната германска екипа потребна е победа од 7 или преку 7 гола разлика.
Како што вели тренерот Пасквал потребно е преполниот „Палау Блауграна„ да даде шест гола, за на екипата да му биде полесно да стигне на завршниот турнир. Потребен им е перфектен натпревар, можеби како оној против ПСЖ во групната фаза, кога Лазаров и другарите славеа со 38:28. Сите ракометари се здрави и силно мотивирани, а Штербик кој бранеше само во второто полувреме во Манхајм, полека добива ритам на натпревари и се очекува да биде додадена вредност на Барселона. Традицијата со германските екипи во „Палау Блауграна" е многу позитивна за домашната екипа, но Рајн Ловен Некер е една од ретките екипи кои славеле во домот на Барса. Но тоа беше меч од групна фаза, а утрешниот е вистинско финале.
За прв пат по подолго време Барселона имаше слободна недела и доволно време и физички и тактички, а посебно психолошки да го подготви саботниот меч. Се очекува рекордна посета оваа сезона во Каталонија и постои уморен оптимизам во таборот на големиот фаворит во ова натпреварување.




