Лазаров спречи катастрофа на Барса во Манхајм

Рајн Ловен Некaр - Барселона 38:31 (22:14)
Со тежок пораз од 7 разлика ракометарите на Барселона се враќаат од Германија и им треба подвиг в сабота во „Палау Блауграна„ за место на завршниот турнир во Келн. Во величенствена атмосфера во Манхајм, Барса во своите црвено-жолти дресови го имаше првиот напад. А во него србинот Манојловиќ насилнички отиде на главата на Карабатиќ, но доби само жолт картон. Лазаров по 55 секунди го отвори резултатот во полза на каталонците. Но Уве Генсхајмер со два гола од крилна позиција во 4 минута го донесе првото домашно водство (2:1). Ландин се разбрани и за брзо германците отидоа на 4:1, пред Томас да го исфинтира данскиот голман.
Во 8 минута Петерсон реализираше полуконтра за 6:2 и тајм-аут на Хавиер Пасквал. Феноменалниот Генсхајмер постигна и петти гол од исто толку обиди за високи 7:2 за домашната екипа. Нодесбо и Лазаров од седмерец намалија на 8:5, а Шариќ не можеше ништо да одбрани во раната фаза. Норвежанецот Мирол со два гола од линијата од шест метри, го одржуваше комотното водство од 4-5 гола на Рајн-Ловен Некер. Раул Ентрериос и пак Лазаров со реализиран казнен удар, ја доближуваат Барса до 10:7 на половина од првиот дел. Конечно Даниел Шариќ одбрани две топки во серија и Нодесбо и Лазаров намалија на 12:9. Но по исклучувањето на Карабатиќ, швеѓанецот Екдал Ду Риц за прв пат донесе 6 разлика за екипата на Гудмунсон (15:9). Нашиот репрезентативец ја одржуваше Барса и со петтиот гол во 24 минута намали на 15:10. По исклучувањето на Манојловиќ, Никола Карабатиќ од контра предноста ја намали на 4 гола. Незадржливиот Генсхајмер го лобуваше Шариќ од седум метри и дојде до 9 гол за неполно полувреме (17:12). Ред беше на Патрик Грецки и првите два негови гола во финишот за 19:13.
На влезот во последната минута од првиот дел десното крило на домаќините погоди по трет пат за највисоки 21:14. Порасна бројот на технички грешки и Барса го одигра најлошото свое полувреме во сезоната. Сол на „раната„ додаде Ду Риц со гол со звукот на сирената за високи 22:14 на одмор.
Вториот дел започна со головите на Екдал Ду Риц, а Петерсон во 33 минута го совлада Штербик за неверојатни 25:15. Првите голови на Гурбиндо и Рутенка само најавија подобар период од играта за Барса (26:17). Штербик одбрани две топки и Лазаров од седум метри го постигна седмиот гол за 27:18. Неверојатниот Генсхајмер го постигна својот 13 гол од неверојатен агол за 29:19 во 38 минута. По исклучувањето на Ду Риц, Карабатиќ и Лазаров од пенал ја спуштија предноста до -9, но германците и натаму делуваа феноменално. Кога Карабатиќ во 43 минута погоди за 31:23, разлика пак беше 8 голови како на полувреме. Периодот со еден и два ракометари повеќе, момците на Гудмунсон го искористија за враќање на двоцифреното водство. Гвардиола од контра погоди за 35:25 за тајм-аут на Пасквал во 46 минута. Генсхајмер за прв пат не погоди во 47 минута, а Лазаров со деветтиот гол намали на 35:26. Во 53 минута Хуанин Гарсија улови контра и погоди за 36:28 и Гудмунсон побара минута одмор во 53 минута. Штербик сензационално го блокираше Шмит, а потоа со доза на среќа Раул Ентрериос предноста на намали до -7. Но германците не попуштаа и кога Карабатиќ погоди во 57 минута, резултатот гласеше 38:30. Лазаров со десеттиот гол резултатот го намали на 38:31, на 90 секунди до крајот. Генсхајмер не реализира седмерец на половина минута до крајот и Пасквал побара тајм-аут на 22 секунди до крајот. Лазаров погоди на самиот истек на времето, но судиите не го признаа голот трвдејќи дека е по истек на времето. Гол кој може да биде вага на конечниот исход по шест дена во Каталонија. Заслужени 38:31 за Рајн Ловен Некер и исчекување за полуфиналистот до реваншот во Барселона.
Кај Ловен Некер непогрешливиот Генсхајмер постигна 14 гола, Мирол додаде уште 6, Ландин делуваше како во дресот на данската репрезентација, а и Шмит со 6 асистенции имаше голема заслуга за високата победа. Кај Барселона Кирил Лазаров постигна 10 гола и беше единствена светла точка. В сабота во „Палау Блауграна„ на Барса ќе му треба подвиг за да го елиминира расположениот Рајн Ловен Некер. Но ако има некое место каде подвигот е можен, тоа е арената во Барселона, каде и лани по поразот од Атлетико Мадрид, Барселона се врати и победи доволно за да го „види„ Келн.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




