Вечера на шампионите и слободен викенд
Само прашање на време беше кога Барселона ќе ја освои шпанската ASOBAL лига и ќе ја продолжи серијата на последователни титули. Синоќа со победата над Арагон целта е остварена и сега момците на Пасквал пред себе имаат уште две цели за перфектна сезона. Освојувањето на Купот на шпанскиот Крал и Лигата на шампионите ќе заокружи сезона со седум титули, но за тоа Лазаров и другарите сеуште не размислуваат.

Доцна синоќа веднаш по победата, целиот тим и стручниот штаб беа на заедничка вечера на која присуствуваше и претседателот на клубот Јосеп Бартоломеу.
Во елитен ресторан под Мон Жуик, старо-новиот првак на Шпанија го „заслади„ трудот од 7-8 месеци за да се освои титулата. Пасквал им даде слободен викенд на ракометарите, а од понеделник ќе го подготвуваат гостувањето кај Ваљадолид во 28 коло на ASOBAL лигата, но пред се првиот меч од четвртфиналето на Лигата на шампионите, наредната недела во Манхајм кај Рајн Ловен Некер.




