Барса и Лазаров со "хипотека" од 7 гола пред реваншот

Алборг - Барселона 22:29 (13:15)
Ракометарите на Барселона завршија голем дел од работата со победата во Данска против Алборг од 7 разлика во пресрет на реванш мечот од осминамфиналето на Лигата на шампионите наредниот викенд во „Палау Блауграна„ Во меч исполнет и со многу добри и помалку добри амплитуди, тимот на Кирил Лазаров авторитетно славеше во Скандинавија против жилавиот и мотивиран Алборг.
Каталонците подобро го отворија мечот и Карабатиќ низ одбраната на Алборг во свој стил погоди за 1:3. Играта во одбрана, интервенциите на Шариќ и лесните голови на Раул Ентрериос и Јоан Саубич (по асистенции на Лазаров) во 10 минута, предноста на Барса ја носат до 3:6. Но данските црвени полека ги средија своите редови. Еревик се разбрани, темпото на играта на домаќините му го даваше Менсах Ларсен и по неговите голови и головите на Бустер Јул, домаќините намалија на 7:8 и во 14 минута Пасквал побара минута одмор. Во единствениот кризен период во играта на гостите, Педерсен погоди за пресврт и водство од 9:8 на домаќините.
Несватливо во одбраната шпанскиот првак делуваше ранлив, но тоа беше само моментална ситуација. Виктор Томас од полуконтра врати егал на семафорот и при 9:9, домашната клупа побара тајм-аут. Во последните 10 минути комбинаторната игра на Барса го сврте резултатот. Сорондо погоди од линијата и Гурбиндо два пати од транзиција сврти за 13:15 на полувреме. Со головите на Слундт само на почетокот на вториот дел Алборг покажа „заби„ Но Лазаров ги врати работите на место, Рутенка придодаде уште некој гол и брзо Барса дојде до +5. Сармиенто со два мајстотски гола им даде самодоверба на соиграчите и Барса поведе со 16:20.
Во централната фаза на вториот дел многу се грешеше, а и голманите одбранија неколку топки. Во 42 минута Рутенка реализира седмерец за 17:23. Но Алборг не се предаваше и Крејберг и Тведтен во една минута постигнаа два гола за 21:24. Во последните 11 минути, главниот фаворит за титулата „нагазија во брзина погоре„ и предноста од минимална ја направи висока. Лазаров и Карабатиќ во 54 минута зголемија на +6, а Раул Ентрериос со гол и исклучување во последните минути ја спушти завесата при 22:29. Резултат како нарачан за Пасквал и неговите момци. Во таборот на Барселона најефикасни беа Гурбиндо, Карабатиќ и Томас со по 4 гола. Ентрериос, Нодесбо, Сармиенто и Рутенка додадоа по 3, а нашиот Лазаров погоди два пати и играше колективно и многу корисно.
Кај Алборг Слундт постигна 6 гола, Енгелбрехт, Крејберг и Ларсон додадоа уште по 4. Пред реваншот наредната сабота во 20:30 во „Палау Блауграна„ Барса треба да одработи уште еден домашен меч на гости кај Фригорификос Моразо и потоа да го завери најавеното четвртфинале во Лигата на шампионите.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




