Барса со победи се подготвува за европската пролет
Хелветиа Анаитасума - Барселона 25:39 (13:22)
Пред враќањето на европските натпревари ракометарите на Барселона забележаа уште една победа, која само ја доближува математичката потврда на титулата. По 100 секунди Хавиер Бораган Фернандез го отвори резултатот во полза на памплонците, но следеше серија од седум минути во кои Шариќ не прими гол, а каталонците возвратија со четири гола. Три пати Карабатиќ и Нодесбо го насочија мечот кон „млинот„ на шампионот.
Данецот веднаш влезе во ритам и лесно ги финализираше додавањата на Раул Ентрериос и Карабатиќ за 3:8 во 11 минута. Домаќините почнаа да играат поагресивно и Молинос и Арарас со серија од 4:1, го доближија домашниот тим до 7:9. Лазаров се разигра во централната фаза на првиот дел и со два гола и една асистенција, го врати спокојот на лидерот (10:15). Пак фаворитот „нагази„ во последните 10 минути од првиот дел и со пет неодговорени гола, уште во финишот на првиот дел го реши прашањето на победникот. Два гола постигна Сорондо, пак по одлична комбинаторна игра, а најпозитивниот во првото полувреме Никола Карабатиќ го заокружи првото полувреме со 13:22 за екипата на Пасквал.
И вториот дел започна со гол за домашната екипа на Хелветиа Анаитасума. Погоди Карлос Чокаро Гораиз за зелените, а Гурбиндо со серија на голови за прв пат ја направи предноста двоцифрена (15:25). Лесните голови на Ајтор Арињо по цврстата гостинска одбрана само ја направија предноста на Барселона уште поубедлива. Серијата на голови на крилата на Пасквал продолжи, па и Саубич и Хуанин Гарсија ја полнеа до врв мрежата на Алехандро Санчез Капон. Ибаи Ечевесте со ефектен гол низ одбраната на каталонците, само го прекина ритамот на гостите. Но требаше на шоуто да се придружи и Сергеј Рутенка па со два гола, предноста ја зголеми на 21:36.
Ечеберија Уриз со гол од позиција на кружен напаѓач, погоди за 24:37, а Белегер и Нодесбо го затворија мечот со убедливи 25:39 за Лазаров и другарите. Нодесбо со 7 гола беше најефикасен во победничката екипа. Арињо постигна 5, Карабатиќ 4, а Кирил Лазаров 2 гола плус уште 3 асистенции. Кај домашната екипа на Хелветиа Анаитасума, Божидар Надовеза постигна 5 гола, Рубен Монтањес Молина додаде уште 4, а Ибаи Ечевесте беше стрелец на 3 гола. Во вторник Барселона го дочекува тимот на Бидасоа Ирун, а тој меч треба да биде генерална проба за европската пролет и мечот со Алборг.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА.




