hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

Барса го верификува местото во големата четворка

puerto sagunto - barcelona

Куп на шпанскиот Крал - Четвртфинале (втор натпревар)

Барселона - Пуерто Сагунто 44:27 (19:12)

Ракометарите на Барселона ја потврдија „визата„ за Final four на Купот на шпанскиот Крал и во мај ќе тргнат по единствениот домашен трофеј кој не го бранат од минатата сезона. Реванш мечот со Пуерто Сагунто беше само формалност и како што рече Пасквал, можност за воигрување на комбинации кои ќе бидат корисни за во иднина. За прв пат откако дојде во Шпанија, Кирил Лазаров против себе имаше за ривал македонски ракометар, бидејќи откако дојде од Катар, Димитриевски веднаш настапи против големата Барселона.

Првите 10 минути беа израмнети, а потоа фаворитот одеднаш побегна на 10:5, благодарение на цврстата одбрана и лесните голови во транзиција. Французинот на голот на Барса, Робин одбрани неколку топки, а Хуанин Гарсија и Јоан Саубич само ја полнеа мрежата на Хуан Себастиа. До полувремето и Лазаров и Дани Сармието погодуваа, па на половина од средбата, домаќините имаа 19:12. Димитриевски солиден со два постигнати гола во овој период во кој играше како стартер за Пуерто Сагунто.

Во вториот дел со постојано менување на интерпретаторите и физички и квалитативно каталонците го кршеа противникот. Се разигра Страновски, Хуанин Гарсија „решеташе„ и во 42 минута резултатот гласеше 29:16. Постојаното „тонење„ на ракометарите на Пуерто Сагунто го сопираше Плаза, кој често со голови од одпадок го реметеше ритамот на Барселона. Даниел Шариќ на голот продолжи онаму каде што застана Робин, а и Лазаров „броеше„ до свои шест гола, а 40 за Барса во 56 минута. На крајот на мечот Страновски ја запечати судбината на Пуерто Сагунто, кој во двата Куп меча прими вкупно 86 гола. Во победата од 44:27 кај победничката екипа најефикасен беше Хуанин Гарсија со 9 гола. 7 гола постигна Саубич,6 за Нодесбо како и за Кирил Лазаров.

Во оваа победа учество не зедоа Штербик, Рутенка и Карабатиќ. Кај Пуерто Сагунто Бериос беше автор на 7 гола, Плаза постигна 6, а македонскиот интернационалец Димитриевски постигна 5 гола. Барселона обезбеди место во големата четворка со три победи на исто толку мечеви и со нетрпение утре ќе ги очекува потенцијалните противници. Наскоро ASOBАL ќе објави кога ќе ја изврши ждрепката и кој град ќе го организира Final four турнирот во првата недела од мај. За време на викендот Барселона игра каталонско дерби и реприза на ASOBAL Купот против Грањолерс.

Share