Металург ја прекина непобедливоста на Барса

Металург - Барселона 31:29 (15:11)
Во фантастична атмосфера во спортскиот центар „Борис Трајковски„ гостувањето на моќната Барселона привлече голем интерес. И без Штербик и Рутенка непоразената машина од Каталонија привлече голем број луѓе во нашиот главен град. Како и против Вардар, капитенот на нашата репрезентација Кирил Лазаров беше поздравен како што доликува од македонската публика.
По една минута игра Раул Ентрериос ги доведе гостинските ракометари во водство. Реплицираше Вугринец со голови низ одбраната на фаворитот и за брзо македонскиот вицешампион поведе со 2:1. Се разбрани Дарко Станиќ, но ништо помалку расположен не беше и Дарко Шариќ на спротивната страна. Лазаров од првиот обид погоди во 5 минута за 2:2. Брзата игра и лесните голови станаа заштитен знак на Барса оваа сезона. По една техничка грешка на домашните сини, во контра „летна„ Саубич и погоди за 2:3. На идентичен начин возврати Дејан Манасков во 7 минута (3:3). Токму репрезентативното крило и Миркуловски погодуваат за домашна еуфорија (5:4). Нодесбо и Раул Ентрериос одговорија со два изработени гола, каде ниту Станиќ не можеше ништо да стори. Шариќ одбрани неколку топки, Нодесбо и Саубич реализираа полуконтри во 15 минута и Барселона поведе со 3:5. Станиќ му одбрани зицер на Нодесбо и Ојлевски врати со гол за -2 за ведрина кај македонскиот претставник. Следеше контра на Гоце Георгиевски и Металург намали на 7:8. Еуфоријата ја смири Сорондо со ефектен гол од првата топка која ја доби и зголеми на 7:9. Лазаров подготви простор за Раул Ентрериос, а шпанскиот репрезентативец погоди за 7:10. Циндриќ низ зоната го совлада Шариќ, а по исклучувањето на Виран Морос, погоди и Георгиевски за 9:10 во 22 минута.
Серијата на домаќините продолжи и Миркуловски го лобуваше Станиќ за 10:10 на 8 минути до одморот. Вицешампионот на Европа влезе во црн период, а и Виктор Томас заработи исклучување. Ренато Вугринец брзо тоа го искористи и со четвртиот гол ја врати екипата на Червар во водство (11:10). Дури Металург имаше напад и за +2, но по грешка во додавањето Виран Морос израмни на 11:11. Барселона не можеше да се препознае и Миркуловски и Георгиевски со два лесни гола предноста ја покачија на +3. Митревски го одбрани ударот на Карабатиќ и домашната екипа влезе во транс и се и поаѓаше од раце. Со својот гол Циндриќ ја комплетираше серијата од 8:1 на Металург за 15:11 на влез во последната минута. Со високи +4 и ентузијазам „до небо„ Металург одигра полувреме од сништата против големата Барселона.
Вториот дел започна со уште една интервенција на Митревски по ударот на Карабатиќ. Филип Миркуловски со соло продор ја донесе највисоката предност од +5, но на ист начин погоди и Раул Ентрериос. Вугринец го постигна 17 гол за Металург, прекинувајќи го налетот на шпанците. Но истиот ракометар заработи исклучување и веднаш Сорондо погоди за 17:14 во 37 минута. Но Циндриќ и Пецаковски со два неодговорени гола, по втор пат го доведоа Металург до највисоки +5. Никола Карабатиќ во 41 минута со гол по брза транзиција, намали на -4, но Барса никако не можеше да фати ритам по лошиот финиш на првиот дел. Следеше нов лесен гол, овој пат преку Сорондо и предноста на домашната екипа почна да се топи. Но Вугринец со нов „проектил„ го совлада Шариќ за 21:17.
Лазаров се врати во игра во 44 минута и реализира седмерец за -3. Следеа голови на Ванчо Димовски и Циндриќ од седум метри и комотни 23:18 за Металург точно на средина од второто полувреме. Гостите одговорија со голови на Сорондо и Нодесбо од позицијата пивотмен за 23:20 на 12 минути до крајот. Миркуловски по несигурноста на Шариќ ја прекина мини-серијата на Барса за 24:20. Циндриќ со соло продор ја вреднуваше интервенцијата на Митревски по ударот на Гурбиндо и Металург имаше 25:20 на неполни 10 минути до крајот. Никола Митревски кулминираше со одбранетиот зицер на Виктор Томас и скопската публика веќе ја „мирисаше„ сензацијата. Јаспер Нодесбо од полуконтра реализира за 25:21, но Циндриќ со изненадување за каталонската одбрана враќа на +5. Пасквал постави 4-2 одбрана, но Димовски брзо најде решение и Металург одржуваше 4-5 разлика, а крајот беше се поблиску. Сармиенто и Нодесбо во акции од само 4-5 секунди реализираа за 27:24 во 56 минута.
Но ризичната одбрана на Барселона, домаќините знаеа како да ја казнат. Ојлески од крилна позиција го совлада Шариќ за 28:24. Последниот обид на момците на Пасквал беа головите на Нодесбо и Карабатиќ за 29:27. Мечот влезе во драма, во која конците во свои раце ги имаа ракометарите на Металург. Кога Гоце Георгиевски погоди, Металург имаше +3 на две минути до крајот. Вугринец беше исклучен, па Барса преку Лазаров намали на само 30:29, на 55 секунди до крајот. На 17 секунди до крајот Гоце Георгиевски го постигна победоносниот гол за Металург, откако одбраната на Барса му дозволи на бие од крилна позиција, затворајќи ги бековите. Голема победа на Металург против екипата која оваа сезона немаше ниту еден официјален пораз. Двете екипи заедно со ПСЖ и Вардар од оваа група патуваат во осминафиналето и со нетрпение ја чекаат ждрепката во вторник. Во победничката екипа најефикасни беа Циндриќ со 7 и Георгиевски и Вугринец со по 6 гола, а кај Барселона Карабатиќ постигна 7 гола, а Кирил Лазаров беше автор на 3 гола. Прескромно издание на шпанците, а Металург се надмина себе си и без Наумче Мојсоски и Павел Атман забележа победа за антологија. За прв пат големата Барса „го положи оружјето„ против екипа од Македонија во меч од европските купови.




