Палау Блауграна распродадена за гостувањето на ПСЖ?
Пласманот во ТОП 16 и тоа од првата позиција во групата од поодамна е обезбеден, но гостувањето на моќниот и богат ПСЖ и тоа како привлекува голем публицитет и внимание во Барселона. За прв пат оваа сезона се очекува „Палау Блауграна„ да биде распродадена, а в сабота по втор пат во сезоната едни наспроти други ќе се појават супер звездите на шпанскиот и францускиот првак.
11 ракометари кои ќе настапат в сабота од 16:15 часот освоија медали на последното европско првенство, а традицијата вели дека ретко која француска екипа останала непоразена во најголемиот каталонски град. Во првиот натпревар во групата, во Париз Лазаров и другарите славеа со 32:29, во меч во кој гостите постојано водеа. Ако Барса во „генералката„ убедливо славеше во Леон, ПСЖ само ремизираше во француското првенство, со што продолжува со променливо издание во текот на целата сезона. Но со оглед на тоа што за оваа екипа настапуваат најдобрите ракометари во светот за последните две години Даниел Нарцис и Микел Хансен, мора да се внимава. Токму Хансен по втор пат ќе игра против неговата бивша екипа Барселона во „Палау Блауграна„ откако со Копенхаген ја елиминира пред две сезони. Лазаров по втор пат за противник ќе ги има своите бивши клубски другари од Атлетико Мадрид, Лук Абало и Јаков Гојун. Спектаклот е подготвен, а престижот доволно голем за двете екипи да играат како да се работи за финале.




