Лазаров и Барса со есенските навики

Сиудад Енкантада - Барселона 22:33 (9:15)
По европското првенство продолжија најсилните национални првенства ширум Европа. Во првото пролетно коло, фаворитот Барселона славеше во Куенка против Сиудад Енкантада, во меч кој служеше за загревање пред бурните наредни месеци во Шпанија и пред се во Европа.
Вук Милошевиќ во втората минута го донесе првото и единствено водство на Сиудад Енкантада. Барса на крилата на најкорисниот играч на европското првенство, Никола Карабатиќ и неговите три гола поведе со 1:4. Кога Лазаров реализира седмерец, во 12 минута фаворитот поведе со 1:5 и цели 10 минути не прими гол. Леон Давид и Липовина со удари низ зоната на каталонците го доближија домашниот тим до 5:7 во 18 минута. Тогаш Пасквал побара минута одмор и од тој момент, па до полувремето Барса резултатски се одлепи. Сорондо и Рутенка со два гола од позицијата на кружен напаѓач, предноста ја зголемија на 6:9. Лазаров реализираше контранапад и Хуанин Гарсија од позиција на лево крило беше прецизен за 12:7 во 24 минута. Фраде Фонтан погоди од седум метри, па и Владан Липовина од транзиција и Сиудад Енкантада намали на 9:12. Тогаш актуелниот шампион „нагази„ и со серија 3:0, со стил го заврши првиот дел. Виктор Томас од брза контра, па Лазаров од скок-шут и Раул Ентрериос на 50 секунди до крајот на првиот дел од голема далечина, го завршија првиот дел со високи +6 за екипата на Барселона.
Вториот дел го отвори нашиот Лазаров со ефектен гол од централна позиција за 9:16. Следуваа два гола на словакот Мартин Страновски од позиција на лево крило на додавања на Рутенка за 10:18. Максималниот учинок на Лазаров и неговиот петти гол од 11 метри преку блокот, во 36 минута зголеми за највисоки +8. Следуваа два лесни гола со човек повеќе на Страноски и Виран Морос за 11:21 и тајм-аут на домаќините во 39 минута. Лео Рено-Давид со гол од позиција на лев бек, конечно погоди за екипата од Куенка за 12:22, но брзо врати Лазаров со гол без скок-шут за прво двоцифрено водство (12:22). Шоуто на жолто-црвените продолжи и ред беше на два гола на Рутенка за 13:24 на половина од играта во вториот дел. По осумте интервенции на Штербик во првиот дел, Шариќ за половина од второто полувреме стигна до таа бројка и се потешко и потешко беше за Сиудад Енкантада да погодува. За прв пат предноста на Барса порасна до 12 гола, кога Гурбиндо и Арињо ја валоризираа одличната игра во одбрана за 15:27 во 51 минута. Капитенот Виктор Томас во 55 минута го постигна 30 гол за европскиот вицешампион и лесно приведување на мечот кон крај. До крајот ставен печат на средбата за 16 победа во ASOBAL лигата на веројатно новиот шампион (22:33). Нова лесна победа на лидерот, со Кирил Лазаров во одличен момент, со 6 гола без промашување и 3 асистенции. Томас додаде 5 гола, а кај домаќините од Куенка најсветла точка беше Рено-Давид со 7 гола.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




