hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

Ја освоивме планетата - планетата Србија

kire29

Во својата колумна на веб порталот www.intervjua.com.mk Ингилизов говореше за последните актуелни теми во кои беше инволвиран и македонскиот репрезентативен капитен Кирил Лазаров. Колумната на Ингилизов ја објавуваме интегрално.

Деновиве се води хајка против Кире Лазаров, која воопшто не е случајна. За да заборавиме колку поголеми проблеми имаме од тоа што некој кажал свое мислење. Какво и да е. И не навлегувам во тоа дали Лазаров навистина кажал нешто што не треба, до толку трагично што ќе остави несогледливи последици во нашиот живот и битисување. Се гонеле вештерки кај нас и преку Пандев, Антиќ, Манчевски. Не познавам лично ниту еден од спомнатите, но знам едно - сите се успешни во својата професионална кариера и тоа го докажале на светска сцена. Имаме и други такви „коњи за трка". Трпчески, Џајковски... Ама, кај се малку, па и маани им наоѓаме. Зашто кај нас треба да си просечен и да не гледаш подалеку од Свирипичино, или евентуално Белград, како врв на диоптријата? Треба да молчиш и така ќе напредуваш.

Во просечноста. Но, само локално се разбира. Можеби ќе се збогатиш со титули мр.и др., меѓутоа најважно е светогледот да ти биде заклучен во овие простори. Разни Фифија, Кајмаковци и останати просечни (токму така, просечни) индивидуи одвреме навреме ќе не' израдуваат (каде ако не во Белград) и настанува делириум. Ја освоивме планетата. Планетата Србија. Ако не вистински, секогаш сме некакви си морални победници. Тажно и поразително. Не знам која исусовска мака натоварил на вратот актуелниот рекордер во постигнати голови и на светско и европско првенство, но тој ќе продолжи да игра во РК Барселона, во друштво на Карабатиќ, во еден од најсилните клубови и со најдобриот ракометен играч на планетава.

Е до тоа искуство, таа сила и таа моќ, не се стасува преку кратковидост, туку со макотрпна работа и точно определена цел. Така размислуваат вистинските професионалци и оние кои ги бива. А ние кои остануваме овде? Дали треба да продолжиме да толерираме и да се восхитуваме на разни медиокритети? Има исклучоци се разбира, но ем се малку ем се безгласни букви во оваа држава. А и се' повеќе бегаат надвор од просечниов затворен кафез. Се' уште функционира системот на татковци, мајки, вујковци, стрини и политички партии за да успееш и да бидеш ценет. Но, така бидеш во фокусот на вниманието една, три, еве нека се и пет години. И потоа што правиме? Каде се и какви се трагите кои ќе останат зад тебе? А за каков реален успех се работи. Повторно оние за кои си синоним за успех ќе се обидат само да стигнат до тебе за да им завршиш некоја работа. Или ќе фрлиш анатема по успешните. Со тоа восхитувачко дело ти си автоматски дополнително успешен и ценет. И така повторно во круг. А вистински дела и резултати - нема. Сите претходно споменати не зависат од никакви си стрини, вујковци или политички партии. Барселона, Наполи, Атланта, Карнеги хол и светските музички и филмски фестивали тоа не ги интересира. Ги интересира нешто друго - те бидува или не. Ќе им донесеш повеќе приход или не. Вредиш да бидеш тимски играч, а да оставиш и свој индивидуален белег или не. Ќе се вклопиш во успешно градениот имиџ или не. Ќе бидеш омилен кај својата публика поради резултатите и вештините или не. И само со таков дух и менталитет можеме да ја подобриме и нашата економија, образованието, земјоделството, науката, спортот, новинарството... и да се подобриме самите себеси. Се' друго е само обично тонење во кал и упорно давање поддршка на просечноста.

Share