Турболентна победа на Словенија, рутински слават и Австрија и Белорусија

Мечот на Словенија и Бразил во „Духаил арената„ беше бркотница во текот на сите 60 минути. Нападот преовладуваше над одбраната и бројот на голови беше скоро па рекорден. Бразил отвори со 3:0, но Зорман одлично разигруваше, а Доленец и пред се Гајиќ погодуваа. Така во првиот дел момците на Дениќ имаа во три наврати по 3 гола предност. На одмор се замина со 19:18, благодарение на Фелипе Рибеиро и неговите 5 гола, скоро сите од контри. Шкоф на голот и Гајиќ секогаш прв во контра ја доближија Словенија до победа со 28:24 во 43 минута.
Полека „кариоките„ ја топеа предноста на противникот и Тиагу Сантос со гол израмни на 28:28 во 48 минута. Со серија 5:0, бразилците дури и поведоа и опасно го нападаа третото место во А групата. Дури по 10 пат се смени водството, кога Гајиќ го постигна 10 гол во 51 минута за 31:30 за „змајчеките„ Прост го смени Шкоф на голот, словенската одбрана стана нешто постабилна и на крај победа за момците на Дениќ од 35:32 и скоро сигурно трето место во групата. Сигурно ќе има ново екс-ју дерби во осминафиналето, во кое ќе биде инволвирана Словенија. Гајиќ со 12 и Скубе со 5 гола се истакнаа кај Словенија, а Рибеиро со 7 гола отскокна кај Бразил. Белорусија планирано лесно го совлада Чиле со 34:23 и ги задржа теоретските шанси за пласман во осминафиналето. Сергеј Рутенка и Пуховски со по 8 гола беа најефикасни во победничката селекција, а Родриго Салинас постигна 6 гола кај Чиле. Во нашата Б група, Австрија ја забележа и втората победа на турнирот, совладувајќи го Иран со 38:26. Кај момците на Јоханесон, Раул Сантос постигна 8 гола, а Роберт Вебер додаде уште 6 за сигурен од кон наредниот круг за дебитантот Австрија.
Словенија - Бразил 35:32 (19:18)
Белорусија - Чиле 34:23 (14:11)
Австрија - Иран 38:26 (18:13)




