Турнирски или пријателски натпревари, полека се прават завршните подготовки за светското првенство. Така синоќа во „Малме арената„ пред близу 10.000 гледачи комшиите Шведска и Данска одиграа до крај драматичен меч, кој на крајот го добија данците со 23:24 (11:10). Микел Хансен со 8 гола беше прво име на средбата, а повратникот Ким Андерсон постигна 4 за шведската селекција.
Во Рејкјавик добрата форма ја потврди и Исланд кој во дуелот на двете селекции кои добија вајлд-карта за учество на мундијалот, ја совлада Германија со 25:24 (12:12). На 9 јануари Исланд и Шведска во меѓусебен меч во Кристанштад ќе го имаат последниот тест пред заминување за Доха. Денес од 18 часот Австрија во својот последен пријателски меч игра со Швајцарија.