Мир и концентрација пред мечот со Норвешка за македонските ракометари
Македонската репрезентација во Краков го започна процесот на физичко и ментално рекуперирање во пресрет на последните два меча од главната фаза во Краков на европското првенство во ракомет. Попладневниот тренинг од 18:00 часот беше најспокоен до сега, без присуство на новинарите, со многу концентрација и со една мисла во главата, Норвешка.
Не само поразот од Хрватска, туку и начинот на кој се дојде до него видно ги погоди ракометарите и тоа може да се види на нивните лица. Тие се како едно семејство кое долго време е заедно и нема така лесно да доживее поделби.
Најважно е што повредени нема, сите тренираат со подеднаков интензитет, а вечерва ќе имаат можност да го видат следниот противник на дело. Реновираната и подмладена Норвешка веќе е повеќе од сериозна селекција и мора на тоа да се смета за време на натпреварот в понеделник.
ФОТО: Филип Вирановски