Лазаров: Да бидеме паметни и да одговориме со соодветна тактика
Пред денешниот меч против Норвешка, капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров апелира на максимално менување на „чипот" за разлика од мечот со Хрватска на кој Македонија покажа одредени лимити и доживеа двоцифрен пораз.
„Можеби немавме високо мислење за Норвежаните пред нивниот дуел со Полска, но тоа не значи дека тие ќе го достигнат истото ниво и против нас, ниту пак дека ние ќе одиграме така слабо како против Хрватска. Ние играме малку побавен ракомет од нив, со што правиме доста измени одбрана-напад. Тоа многу не чинеше против една тркачка репрезентација како што е Хрватска. Треба да се биде паметен, максимално концентриран, фокусиран, грешките да ги намалиме, добро да ги анализираме Норвежаните и да им одговориме со соодветна тактика", истакна Лазаров.
Македонија е првата селекција која ја прескокна првата фаза без победа, а сега во мечевите со Норвешка и Белорусија ќе брка барем еден триумф на шампионатот во Полска.
ФОТО: Филип Вирановски