Лазаров: Очекувам да го дадеме најдоброто од себе во Хернинг

Македонската ракометна репрезентација денеска го имаше првиот собир со кој и официјално ги стартуваше подготовките за настап на Европското првенство кое ќе се одржи во јануари идната година во Данска, Норвешка и Шведска.
Ждрепката сакаше Македонија да игра во Хернинг против домаќинот Данска, потоа Португалија и Романија.
На првиот собир, Лазаров ги истакна своите очекувања од првенството, односно од настапот на нашиот национален тим.
„Ова е собир на најдобрите европски селекции, европските првенства секогаш се потешки од светските првенства и ова е добра можност за докажување. Очекувано добивме силен противник од првиот шешир, ако не беше Данска, ќе беше Франција или Германија, додека Португалија играше полуфинале на светско првенство. Можеби Романија не е на нивото како во минатото, но ние ќе го респектираме секој противник, ќе имаме добри подготовки обезбедени од РФМ и очекуваме да го дадеме најдоброто од себе", вели Лазаров.
Македонската репрезентација има пријатни спомени од Хернинг, каде играше на Европското првенство 2014 година и ја мина групната фаза.




