ВИДЕО: Андреј Голиќ: „Немате феноменален, но сепак имате одличен турнир„
Бившиот француски репрезентативец а сега успешен ракометен менаџер, меѓу другото и на нашиот Кирил Лазаров, светскиот првак од пред повеќе од една деценија, Андреј Голиќ од пред два дена е во Данска. Иако главна цел му беа контактите и состаноците со неговите клиенти, стигна да ја следи Хрватска во Архус против неговата Франција, а вчера беше во Хернинг за мечот на Македонија со Исланд:
„Мислам дека одигравте добар меч, генерално добар турнир. Не беше феноменално како во Србија пред две години, но сепак влегувањето во втората фаза е одличен резултат. Генерално за турнирот мислам дека премногу се игра во сезоната и има многу натпревари. Затоа јас сум поборник да се намалат, а не да се зголемат натпреварите на европските првенства. За мене ќе биде големо изненадување ако на ова првенство, играно дома, со овој амбиент и судење, Данска не стане европски првак. За мене тие се огромни фаворити. Можеби единствено Франција може да им ги поремети сметките, а други репрезентации не гледам„ ни рече Голиќ, кој ќе остане до крајот на турнирот и веројатно ќе навива за својата Франција.