Ракометен Велес е 15-тиот член на семејството КЛ7

/, Главни Новости/Ракометен Велес е 15-тиот член на семејството КЛ7

Ракометен Велес е 15-тиот член на семејството КЛ7

Во некогашен Ќупурли, Вила Зора а денес Велес од оваа учебна година ќе почне со работа школа за ракомет ” Кирил Лазаров 7″. Градот на гемиџиите, преполн со историја и великани на Македонија одсекогаш живеел со ракометот, во него се родени и најголемите имиња на македонскиот ракомет. Велешки “Борец” во сезоната 1995/96 во своите редови го имаше и Лазаров.

И не случајно својата мисија „Ракомет За Секое Дете“, некогашниот играч на “Борец” ја проширува и во Велес. Идејата за отворање на школи низ татковината, Лазаров и неговиот тим ја реализираат чекор по чекор со цел најпопуларниот спорт во Македонија да биде присутен на сите страни од земјава. Со огромен труд и внимание преку својот тренерски тим, тренинзи и натпревари децата да се насочат на здрав спортски живот во кој се развива натпреварувачкиот дух, другарството, спортскиот морал и почитување на противникот.

Златко Стојковски дипломиран професор по физичко и здравствено образование, воедно и дипломиран тренер по ракомет ќе ја води велешката школа на капитенот.
Стојковски по завршувањето на долгогодишна играчка кариера, продолжи да работи како тренер по ракомет во ДСУ ,,Спортска академија” Велес, 8 години беше тренер и во ракометниот клуб ,,Борец” во кадетска, младинска и сениорска категорија.

“Особена чест и задоволство ми е што ја имам довербата од нашиот најквалитетен играч Кирил Лазаров, да бидам дел од неговиот тим кој што ќе ги постави темелите на најдобрата школа за ракомет КЛ7 во Велес. Покрај работното искуство како тренер, работам и како професор по физичко и здравствено образование. Сакам да го пренесам на најмладите генерации моето знаење со цел да добиеме и имаме квалитетен спорт, бидејќи преку спортот создаваме здрави генерации”, ни изјави Златко Стојковски.

Тренинзите на децата од Велес ќе се одржуваат во спортските сали на ОУ” Васил Главинов” и ОУ “Блаже Конески”.

Повеќе информации на тел.број 078 278 950

Се гледаме во сала!

2019-08-22T14:38:09+00:00 August 21st, 2019|Велес, Главни Новости|0 Comments