Глигоров: Кампот на Лазаров прерасна во респектабилен бренд и надвор од границите на Македонија

//Глигоров: Кампот на Лазаров прерасна во респектабилен бренд и надвор од границите на Македонија

Глигоров: Кампот на Лазаров прерасна во респектабилен бренд и надвор од границите на Македонија

Јубилејниот петти камп на најдобриот македонски ракометар на сите времиња Кирил Лазаров го состави стручниот тренерски тим кој ќе работи со над 350 деца кои во две смени ќе бидат во Охрид. Како и претходните така и оваа година Капитенот внимателно ги одбираше тренерите бидејќи како што изјави во неколку наврати најважно од се на кампот е децата да имаат квалитетни тренинзи на високо ниво што подразбира добра инфраструктура и професионални тренери на терен.

Дел од тренерскиот тим кој ќе работи на кампот во сите 14 дена е дипломираниот професор по физичка култура, ракометен тренер, некогашен селектор и врвен стручњак Владимир Глигоров.

Имајќи го в предвид огромното искуство во работата со млади категории и статусот на врвен педагог тој и во изминативе години беше дел од стручниот тим на кампот.

“Оваа година кампот на Кире Лазаров ќе слави мал јубилеј, пет години од започнување на неговата работа. Самиот факт што кампот се одржува по петти пат зборува за сериозноста на овој проект што допринесува за постојано зголемување на интересот кај младите ракометари за учество на овој камп и зголемување на бројот на учесници на кампот. Организационата поставеност, изборот на тренерскиот кадар и техничкиот персонал во изминативе пет години беа гаранција дека овој проект успешно ќе се развива и ќе достигне квалитет кој што може да се каже дека прерасна и во своевиден бренд кој што е респектиран и надвор од границите на нашата држава. Постоењето на овој камп и неговото редовно одржување дополнително ќе влијае за уште поголема афирмација на ракометот кај младата популација и подобрување на селекцијата на квалитетни ракометари кои што ќе го донесат македонскиот ракомет на уште повисоко ниво” изјави Глигоров .

Тој како професионален ракометен тренер, професор по физичка кулутра и спортски образован со мастер лицена од европската ракометна федерација долги години е на чело на повеќе македонски клубови стартувајќи во РК „Скопје“ на стартот на ’90-тите, преку Вардар и Металург кај мажите и Кометал Ѓорче Петров кај жените, а последните години реализирајќи и интернационална кариера во Либан и Саудиска Арабија.

Во 2006 година со тимот на „Ал Садака“ ја освои двојната круна во шампионтот на Либан. Со поранешниот европски првак, Кометал Ѓорче Петров, во два наврати партиципираше во најелитното европско натпреварување, Лига на шампионите, со кој и во двете сезони се пласира во нокаут фазата. Во повеќе наврати бил селектор на македонските национални селекции во младинска и сениорска конкуренција, од кои особено се истакнува неговото учество со женскиот национален тим на Македонија на ЕП кое во 2008 година се одржа во нашата земја, а на кое нашата репрезентација го освои одличното 7-мо место.

Се гледаме во Охрид!

By | 2019-04-03T19:39:57+00:00 April 3rd, 2019|Главни Новости|0 Comments