Лазаров: Не бегаме од фаворитската улога, но треба да бидеме внимателни
Македонската ракометна репрезентација денеска во Скопје го имаше првиот собир пред стартот на квалификациите за пласман на ЕП 2026 година. Избраниците на Кирил Лазаров во првите два квалификациски меча ќе ги одмерат силите со Естонија и Литванија. Селекторот даде одговор за отсуството на овој список на Никола Митревски и Филип Талески.
Искусниот голман и членот на Бенфика не се најдоа на списокот на ракометари за дуелите со Естонија и Литванија закажани за 6 и 10 ноември.
„Започнавме еден процес на подмладување на репрезентацијата и истиот мора да се доврши. Мислам дека се појавуваат нови играчи, млади и добри кои во своите клубови покажуваат квалитет и ги носат нивните екипи до добри резултати. Од никого не се откажуваме, напротив имаме потреба од играчи. Сепак радува фактот што имаме можност да бираме. Сите ќе бидат во комбинација за настап за СП кое се игра во јануари. Што се однесува до Никола Митревски, мислам дека имаме млади, квалитетни голмани кои треба да добијат шанса. Да видиме како ќе се однесуваат кога ќе имаат поголема одговорност и зад нив нема еден голем голман од калибарот на Митревски. Сакам да видам како тоа ќе изгледа на овие два натпревари.
Кога е во прашање Талески, тој е квалитетен, добар играч, но во последно време на Европското и Светско првенство и на другите официјални натпревари мислам дека не покажа доволно квалитет, во доволно квалитетно издание. Затоа се решив во моментов да дадам шанса на други играчи, како што е Павле Атанасијевиќ. Можеби малку ќе го промениме концептот на игра, ама тоа не значи дека во иднина нема да биде повикан. Тоа е моја одлука, идејата е да создадеме квалитетна репрезентација, да пробаме да бидеме компетитивни со најдобрите. Дали ќе успееме...но мислам сме на добар пат.
Искуството како играч и тренер ми кажува дека секогаш треба да бидеме внимателни. Имаме доста материјали од двете селекции, јас сум добро подготвен. Имаме доста инфоормации. Ќе видиме како ќе се однесуваат нашите ривали. Не бегаме од фаворитската улога, мислам дека ќе биде многу потешко против Литванија, сериозна селекција, репрезентација со традиција. Очекувам тежок и неизвесен натпревар во Вилнус", заврши селекторот.
Првиот меч се игра на 6 ноември во Скопје, додека вториот е за четири дена во Литванија.