hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

28.12.2012 Магазин „Граѓански„

Gragjanski23

Не поставувајте ни нереални цели

Со какви амбиции оди македонската ракометна репрезентација на Светското првенство во Шпанија? Петтото место на Европското првенство во Србија ги зголемува очекувањата во македонската јавност, што може да биде поттик, но и притисок за вас играчите.

Ние сме мала држава, со два милиона народ, не можеме да се мериме со големите европски и светски велесили, затоа што тие имаат една голема предност - можат да избираат од поголем број ракометари и да составуваат селекција. Кај нас имаме од 20 до 30 ракометари кои претендираат за националниот состав. Така што, треба да почекаме да помине овој подготвителен период до Светското првенство пред да ги кажеме очекувањата, пред сè, поради хендикепот што го имаме со малиот број играчи кои се на располагање. Во репрезентацијата има 6-7 играчи-капиталци и, иако без секого се може, сепак, без само еден од нив тимот не би бил со посакуваниот квалитет. Значи, да си посакаме да бидеме здрави и Светското првенство да го дочекаме без ниту една повреда, зашто амбициите зависат од нашата здравствена состојба. Наша предност, покрај маните што ги кажав, е тоа што долго време играме заедно, добро се познаваме и координирани сме, иако знам дека никогаш не треба да се биде задоволен од она што се прикажува, туку дека секогаш треба да се внесуваат иновации во играта и да се напредува. Многу е важно и со каква волја и желба ќе настапиме на ова Светско првенство. Се надевам дека ќе немаме респект кон ниеден противник и тоа треба да го знае македонската јавност. Не како фаворити, повеќе како аутсајдери, ние во секој натпревар ќе дадеме максимум и во нашите глави ќе има само една мисла - победа.

Македонија ќе настапува во групата со Данска, Русија, Исланд, Чиле и Катар, а за пласман во втората фаза се потребни најмалку две победи. Иако во Србија покажавте дека можете да бидете достоен ривал и на најсилните репрезентации, сепак, во кои натпревари ја гледате шансата за победа и успешно минување на првата фаза?

Лично не ми се допаѓа пристапот во кој како предвреме да сме ги добиле првите два натпревара со Чиле и со Катар. Јас не се согласувам со тоа дека овие натпревари се веќе добиени, напротив, мислам дека тие два меча се нашите најважни на Светското првенство. Треба да ги сфатиме како финале или полуфинале, затоа што можат да ни ги отворат вратите, а доколку, не дај боже, не тргне како што замислуваме, може да ни ги растурат и сметките и добрата атмосфера што, се надевам, ќе биде изградена на подготовките. Во последно време во спортот нема фаворити и аутсајдери, разликата меѓу репрезентациите е сè помала. Победуваат оние што веруваат во победа, оние што даваат максимум, имаат поголема волја и страст во тој момент. Затоа, потенцирам дека тие два натпревара ќе бидат најважни, особено натпреварот со Чиле, бидејќи знаеме дека првите натпревари тешко се отвораат, се игра во грч, а формата не е на потребното ниво. Мислам дека треба да бидеме внимателни, да направиме сè за да дојдеме до тие четири бода и потоа да растеме од натпревар во натпревар за да дојдеме до посакуваната форма.

Изоставањето на Стевче Алушовски, Влатко Митков и Петре Ангелов од репрезентативниот список предизвика нивни лични, но и критички реакции од други луѓе во ракометната јавност. Што мислите Вие за оваа одлука на селекторот Ѕвонко Шундовски?

Навистина е тешко да коментирам како капитен на репрезентацијата. Ниту сакам ниту досега сум критикувал некој селектор со кој сум соработувал ниту, пак, сум критикувал колега со кој сум бил во националниот дрес. Тешко е да се даде одговор на ова прашање, зашто тоа може да се сфати погрешно од македонската јавност.

Пред натпреварите со Швајцарија отворено зборувавте за проблемите на релација репрезентативци - раководство на РФМ, а нешто слично се случуваше и пред десетина дена со негодувањето на селекторот Шундовски за неисплатените плати. Дали сега се решени овие проблеми за да не ја оптоваруваат атмосферата во тимот?

kire graganski

Долго сум во македонската ракометна репрезентација, во минатото сме имале и многу поголеми проблеми, но како што растеме и стануваме успешни, така тие проблеми излегуваат на виделина. Ни недостига подобра организација за да бидеме рамо до рамо со големите репрезентации. Јас сум долго време надвор и знам како функционира вистинска европска екипа или вистинска светска селекција. Наш најголем хендикеп од минатото, па и сега, е организацијата. Без добра организација, без добри услови и средени сметки, колку и да сме квалитетни, не можеме да се носиме со другите екипи, а јавноста го бара тоа од нас. Дури ни се поставуваат и некои нереални цели - полуфиналиња и финалиња на светско првенство. Дај боже тоа да ни се оствари, но не е реално. Ако се направи споредба каде играат нашите играчи и колку искуство имаат во меѓународни натпревари, а каде настапуваат играчите од селекциите што во последните четири-пет години се на тронот и освојуваат медали, одговорот ќе биде јасен.

Селекторот Шундовски изненади многумина со изјавата дека на претстојниот мундијал гледа како на почеток на нов олимписки циклус, со крајна цел - настап на игрите во Рио де Жанеиро во 2016 година. За желбата за настап на ЛОИ зборувавте и Вие. Има ли сила и потенцијал во овој состав да ја оствари оваа цел?

Мислам дека е добро така да се размислува. Можеби голем проблем во минатото било тоа што воопшто не сме размислувале на тој начин. Одеднаш оваа година ни се отвори шанса да се пласираме на Олимписките игри, игравме квалификации. Добро е да се инсистира на тоа и да се прават притисоци, иако мислам дека веќе треба да е направена програмата. РФМ треба тоа јавно да го соопшти и да ја приложи програмата. Тоа е добра идеја, ја поддржувам и мислам дека имаме квалитет и кадар за да се бориме за пласман на Олимписките игри во Рио. Треба да одиме чекор по чекор, да бидеме учесници на големите натпреварувања во следните години и да стигнеме до Светското првенство во Катар, што ќе биде филтер за пласман на Олимпијадата во Бразил.

Оваа година беше успешна за Вас не само на репрезентативен, туку и на клубски план. Што очекувате во 2013 година?

Нè очекува напорна година - на репрезентативен план сега е Светското првенство, а потоа продолжуваме со квалификациите за Европското првенство во Данска во 2014 година. На клупски план, исто така, треба да се бориме за повеќе титули, така што ме очекува тешка и напорна година. Се надевам дека ќе биде успешна.

Македонскиот ракомет е во подем со успесите на репрезентацијата, но и на клубовите „Металург" и „Вардар". Особено „Металург" имаше успешна есен во Лигата на шампионите. Како ги оценувате нивните настапи?

Репрезентацијата и клубовите се меѓусебно поврзани. Јас се радувам што ги бие таков глас и би било добро да имаме повеќе успешни клубови, не само „Вардар" и „Металург", да имаме уште посилна лига од која би излегувале нови репрезентативци. Но, мислам дека целите што ѝ се поставуваат на репрезентацијата се нереални, а со ниско поставени очекувања и цели се оценува дека „Вардар" и „Металург" имаат направено многу. „Вардар" и „Металург" пораснаа на организациски план во последниве години, но јас не би се согласил да се каже дека се многу успешни. Особено „Металург", со оглед на буџетот со кој располага и составот на играчите. Покрај нашите репрезентативци, го имаат Дарко Станиќ, кој е еден од најдобрите голмани во Европа, како и Вугринец, Козлина, Ракчевиќ - ракометари со голем квалитет и богата кариера. Во вакви околности би било успех да се влезе во четирите најдобри екипи во Лигата на шампионите. Да се помине една релативно лесна група, за мене, е повеќе од очекувано. Истото тоа важи и за „Вардар" - добро е што ја освоија СЕХА-лигата, но не влегоа во групната фаза на Купот на ЕХФ. На репрезентацијата ѝ се наметнува притисок дека мора да направи нешто, да стигне до полуфинале, за разлика од клубовите кои, иако значително се вложува и растат од година во година, сè уште не направиле позначаен успех.

Кога би биле во позиција да решавате, што би направиле за успехот на македонскиот ракомет да не биде моментален, туку да продолжи во континуитет?

Тука има многу загрижувачки работи што ни даваат право како нација да стравуваме за нашиот најтрофеен спорт во иднина. Ние немаме младински и кадетски ракомет, тие лиги се многу лоши и речиси не постојат. Младинските и пионерските репрезентации, како што поминува времето, речиси и ги нема, а не пак да играат на големите европски натпреварувања. Мојата генерација беше учесник на три-четири такви манифестации, а сега не сме ни блиску до тоа. Треба да се поведе грижа дури е време, затоа што ќе нè очекува голем пост во иднина, без излегувања на големата меѓународна сцена, како што е настапот на Светското првенство сега. Апелирам, најважно е да се инвестира во младите од сите категирии, во стручниот кадар, да се поставуваат вистински луѓе на вистински места, луѓе кои инвестираат во себе и имаат амбиција да станат добри тренери и педагози и, секако, да се вложува во младинските школи за да продолжиме со оваа традиција, да бидеме успешни како што сме досега, а зошто не и уште повеќе.

www.gragjanski.mk

Share