Момците на Голден Арт КЛ7 забележаа нов пораз во Суперлигата, овој пат на гостувањето во Кисела Вода кај екипата на Јуниор КВ со резултат 35:25. По одличната серија од пет победи во шест натпревари, денес го забележавме третиот пораз во низа.
Ако во првиот натпревар со екипата на Јуниор КВ одлично започнаве и од самиот старт го диктиравме темпото на играта, денес беше обратно, контролата на натпреварот ја имаше екипата од Кисела Вода, која започна со водство од 3:1, а неколку минути подоцна водеше и со 6:3. Успеавме за момент да се вратиме во игра и да намалиме на 7:6 но по неколку пропуштени шанси, домаќинот повторо ја врати својата предност и ја зголеми на максимални седум разлика 16:9. На крајот од првиот дел резултатот гласеше 16:10.
Во вториот дел очекуваме подобра игра на нашите момци и резултатки приклучок, но до тоа не дојде. Домашниот тим кој делуваше далеку помотивиран само ја зголемуваше предноста па пред самиот крај на натпреварот дојде и до максимални 11 погодоци предност. На крајот домаќините славеа со 35:25 и дојдоа до својата втора победа во Суперлигата.
Во претпоследното коло од Групата А, во понеделник од 19:30 против екипата на Астраион Хендбол го играме последниот натпревар за 2020 година. Во последното коло сме слободни.
Јуниор КВ – Голден Арт КЛ7 35:25 (16:10)
Голден Арт КЛ7: Џигероски, Стојков 5, Крстески, Цветаноски 2, Буторац 5, Гучески 1, Петрески, Симоноски 3, Илиески 2, Димовски 1, Василевски, Темелкоски, Ѓорговски 2, Јорданов, Стојковиќ, Гајиќ 4.
Седмерци: 1/2 Исклучувања: 4 мин