Интервју Лефтер Бошковски: КЛ7 е најдобро организирана ракометна средина

//Интервју Лефтер Бошковски: КЛ7 е најдобро организирана ракометна средина

Интервју Лефтер Бошковски: КЛ7 е најдобро организирана ракометна средина

Неговата приказна започнува во Романија, каде и ден денеска е неизмерно почитуван, но неговиот најголем придонес оди за македонскиот ракомет, во кој бил селектор на женскиот сениорски национален тим, тренер на РК Вардар, а работел и во Работнички, Кометал Ѓ.П., потоа го формира Олимпик и во секој од овие клубови приоритет му се младите. И сите го препознаваат како тренер кој знае да препознае талент, знае да пренесе знаење, има трпение и пред се голема љубов кон ракометот и пренесување на неговите тајни.

„Се определив за младински екипи бидејќи мојот карактер е да ги учам спортистите, не да дојдат со некакви познавања, па потоа да поправам грешки…“, уште на почетокот на разговорот објасни Лефтер Бошковски.

Ракометот му е во крвта. Целото семејство е посветено на ракометот. Неговиот син Андон Бошковски сега е тренер на сениорскиот тим на Голден Арт КЛ7, а претходно беше и дел од екипите на Металург, на Вардар, на Струга, на Еурофарм Пелистер. Неговата ќерка Дина исто така се занимаваше со ракомет.
А Лефтер како дел од работата со млади категории беше и во Академијата на Стевче Алушовски, а сега е дел од школата за ракомет „Кирил Лазаров 7“. Чичко Лефтер, како што сите милуваат да му се обратат е најдобриот пример што значи кога „ракометот ти е во крвта“.

„Не можам да не работам. Сакам да се движам, да сум активен… Затоа и прво прифатив четири ипол години да соработувам со Академијата на Стевче Алушовски. Најдобрата соработка што сум ја имал. Тој ме почитуваше како татко. Сега, на 79 години прифатив да работам со Лазаров и Ѓоргоноски, во школата за ракомет „Кирил Лазаров 7“, една средина која по мене е најдобро организирана. Како директор Ѓоргоноски така ги има поставено работите што на нас тренерите не ни останува ништо друго освен да мислиме како поквалитетно да го одработиме тренингот. Сè е на едно високо ниво.“

Многу се скромни и едноставни целите и причините за неговата посветеност во работата со младите.

„Спортот е најдоброто за младите. Стануваат поодговорни личности, добиваат дисциплина, воспитувани се со колективниот дух. Да не се биде индивидуа, која ќе мисли само на себе, туку да се биде во корелација со другите, соодносот, комуникација… На едни подготовки го имаме сето тоа, делиме сè… Тоа е и тортура на некој начин, бара жртви и откажувања, но носи големо задоволство. Со сите генерации кои сум работел, а и сега со оваа која ја водам, мое најголемо задоволство ќе биде ако ги видам во националниот дрес.“

Целото интервју за 24 ракомет прочитајте го тука.

2020-08-30T11:46:24+00:00 August 30th, 2020|Главни Новости|0 Comments