Кога штрковите од најголемото гнездо во Македонија ќе заминат на југ дечињата од Чешиново-Облешево се враќаат во сала

//Кога штрковите од најголемото гнездо во Македонија ќе заминат на југ дечињата од Чешиново-Облешево се враќаат во сала

Кога штрковите од најголемото гнездо во Македонија ќе заминат на југ дечињата од Чешиново-Облешево се враќаат во сала

50 деца пораснати покрај оризовите полиња веќе 1 година се дел од школите на капитенот

Општина Чешиново – Облешево лежи на полиња со бело злато. Составена од 14 населени места позната и по податокот што таа е дом на штрковите кои го имаат најголемото гнездо во Македонија можеби и пошироко.

Ракометот на тамошните дечиња до пред 1 година им беше познат само од телевизија, се радуваа на сите успеси на нашите ракометари навивајќи за Македонија, а од лани 50 тина деца сонуваат еден ден да бидат Кирил Лазаров.

“Од 2017 година, со задоволство го додаваме и епитетот спортска (ракометна) општина, која досега и да немала ракометна историја, а сега веќе живее и се радува на ракометот. Ако до пред скоро една година, уживавме во ракометот преку навивање и бодрење на нашите врвни ракометари, сега ја имаме таа чест да уживаме во овој спорт преку тренинзи и натпревари. Сето тоа овозможено со отворањето на нашата школа за ракомет, школа чие име ти дава уште поголем ‘апетит’, ти буди уште појаки чувства спрема овој спорт, еден ден да бидеш ‘ТИ’ на негово место….КИРИЛ ЛАЗАРОВ…Име од светски ранг, идолот кој го носиме во нашите срца” ни изјави тренерот од школата на капитенот Евица Стојанова, некогашна наша ракометарка.

Сето ова го докажува и фактот што бројот на идни ракометарчиња кои со страст го чекаат секој нареден тренинг и натпревар изнесува околу 50 (машки и женски). Дечиња, чија желба за ракометот се зголемува на секој нареден тренинг. Почетокот на новата школска година се поклопува со почетокот на тренинзите на Школата за ракомет “Кирил Лазаров 7” кои ќе се одржуваат три пати неделно во спортската сала “Никола Карев” во Облешево.

“Нашите најмали надежи имаат и по 6 години. Ни доаѓаат дечиња од Чешиново, Уларци, Спанчево, Чифлик, Теранци и Облешево. Поделени во 2 групи а тренинзите како и минатата сезона ќе ги имаме три пати во неделата. Понеделник, среда и петок помалата група со термин од 16.00 до 17.00 а поголемата од 17.00 до 18.00 часот. Првиот тренинг ни е за неполн месец со почетокот на учебната година, на 3 септември. Она што би им го порачала на децата е да го сакаат ракометот, да уживаат во истиот, да тренираат дисциплинирано и посветено, само така ќе ја достигнат својата цел. Секое дете може да биде дел од нашето прекрасно семејство Кирил Лазаров 7 – Чешиново-Облешево” додаде тренерот Стојанова.

Уписите за сите заинтересирани нови дечиња се во тек. Информации за школата на капитенот во општина Чешиново-Облешево може да добиете на бројот 071 632 714 .

Се гледаме во сала!

2018-08-08T20:43:39+00:00 August 8th, 2018|Чешиново-Облешево|0 Comments