Лазаров пак без грешка во победата над Висла

Лазаров пак без грешка во победата над Висла

Ракометарите на Нант извојуваа нова победа во Лигата на шампионите, откако вторпат оваа есен славеа против Висла, овој пат пред своите гледачи со 32:30 (18:12). Кирил Лазаров одигра уште еден одличен натпревар и постигна три гола без промашување.

Французите добро започнаа, погоди Лазаров, а Буриќ и Белегер беа посебно мотивирани. Предноста на избраниците на Анти беше од минута во минута поубедлива, па на одмор се замина со 18:12. Единствено Крајеви кој постигна три гола во првиот дел беше расположен во таборот на полскиот вицешампион.

Дуарте одлично го започна вториот дел и со серија 4:0, Висла намали на 18:16. Но, тогаш Нант повторно врза позитивна серија и Фалувеги со два гола и Лазаров со уште еден вратија спокој со предност од 25:20 на средина од вториот дел. Искусна екипа како Нант не дозволи изненадување и лесно го приведе натпреварот кон крај со победа од 32:30.

Најефикасни поединци во таборот на Нант беа Буриќ со 6 и Турне со 5 гола, а кај Висла се истакнаа Дуарте со 5 и Крајовски со 4 гола. Со оваа победа продолжува позитивниот ноември за екипата на Лазаров, која во декември ќе влезе со одличен резултат во Лигата на шампионите.